This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

Војник на лирската искреност*

Димитар Митрев (1919-1976), македонски теоретичар на книжевноста

Димитар Митрев

Просторот на интимата во македонската поезија за секогаш е неодвоив од повоеното поетско дело на Ацо Шопов. На таа поезија тој ѝ подари не песни а збирки од песни што со ретка континуитетност го обележија ликот на нејзиниот најчист лирски егзалтатор.

Со него почнува во поезијата наша чинот на докрајното лирско самооткривање. Корените пак негови – на тоа самоткривање без остаток – откриени се уште во текстовите на поетовото лирско раѓање во виорот на војната што беше виор и на една револуција.

Треба да се симне легендата за некакви два периода, за некакви две лирики во патот на овој поет. Тој пат е единствен – пат на еден лиричар што е исконски верен на својата искреност. И за секогаш е неразвенчан со неа и со беспризивно интимно кажување на своите немири и немирни патувања. Геслото што стои над летописот на сите песни од таа лирика е вечната лирска суштина на метерлинговскиот повик: „До крај да ја исцрпиме својата искреност!“ Ацо Шопов е војник на лирската искреност, еднакво храбар: и кога ја држеше пушката и кога го држи перото, нишанејќи – при сите случаи – со истрелите на своето срце.

Со неговите песни е означен и полнокрвниот почеток на нашата интима; а по нив – следи хорската интерпретација на интимничењето. И тоа треба да се сфати и треба едното да се разграничува од другото.

При Шопов постои, при него израсна еден лирски свет богат со вистини за себе, а не со пози на интимоманија. Тој нема ништо општо со тие што сакаат да бидат како него, а ги немаат ни неговите животни вистини, ни неговиот лирски орган. (Не е ли така: говорот за тишината кај другите е матафора за една епигонска игра; говорот за тишината кај него е жива симболика на еден жив човечки говор).

Случајот со овој лиричар е случај на обнова на најтрајната вистина за траењето на вистинскиот лирски феномен: ако не ја кажеш вистината за себе, не ќе ја кажеш ни за другите. Позерите со интимното не кажуваат ни една вистина. Јунаци се тие не на лирско соопштување, а на лирско пресушување.

При поетското култивирање светот на сопствениот немир низ суптилноста на себеоткривањето – искрениот критички суд – неизбежно ќе утврди внатрешен и надворешен хармоничен тоналитет и континуирано растење низ чинот на создавање сопствена поетска материја што е чин и за создавање на целосна поетска физиономија и целосен поетски карактер. Тоа се чинови и во еволуцијата на поетот Шопов; така се создадени врвните достоинства на неговиот лирски ракопис.

Не секогаш изворен и исцизелиран во експресијата, недостатно критичен па и бесцензурен кон мотивот на инспирацијата, мотивски ретко нов но доста и често обновен, овој носител на најчистиот лирски порив најсигурно расте и најсигурно трае со придржувањето кон автентичноста на својот темперамент, со верноста кон својата спонтано-лирска карактериологија. А највисокото качество на лириката е пред сѐ во темпераментот.

И треба ли да се премолчи уште една вистина: овој чист лиричар остана чист и за тешките измамности на стерилното лутање во кое не залутаа само бездарници. Роден лиричар, самосвесен за својата лирска мисија: – да биде пред сѐ, свој докраен самооткривач – тој не стана школска жртва ни на една литературна школа.

_______________________

* Текстот е објавен како портрет на Ацо Шопов во антологијата на Митрев Повоени македонски поети, Скопје, Кочо Рацин, 1960, и во книгата Огледи и есеи, 5, Скопје, Наша книга, 1970, стр. 289-290. Подоцна е преземен, под наслов „Војник на лирската искреност”,  во Нова Македонија, 25.04.1982, и во Просвета, 10.05.1982. Инсерт од овој текст е објавен во Дело 74, 1982, год IX, бр. 5-6., под наслов „Неговите песни – полнокрвен почеток на нашата интима”.
_______________________

Огледи и критики на Митрев за творештвото на Ацо Шопов: