Рефлексивна зрелост на интимата

Милан Ѓурчинов (2028-2018), македонски литературен критичар

Милан Ѓурчинов

“… мртвите ќе умрат тогаш,кога и нивната песна…“

Што подолго живее човекот, што поупорно твори, за преку создавањето да ја надмудри смртта, сѐ повеќе ќе се заплеткува во морничавите прашања за смислата на животот, сѐ позагадочен и понеразрешлив му изгледа светот.

Кој е тука победен? Кој победник? Што може тука да стори песната, тој неизгаслив оган „што прска низ зборот и исчезнува во пепел од кремен?“ Како да му се помогне на поетот до очај изгубен во повикот – крикот на својот одвај чуен глас:

О земјо, на земја врати ме,
човек сум, човек да страдам,
да најдам камен жив да се вградам
во некој мост во некој лик.

На еден поетски сугестивен начин во новата збирка на Ацо Шопов, судбинската драма на човекот, неспособноста негова да ја отклони свеста за границите на својата егзистенција, се совпаѓа со највисокото поетско признание: со беспоштедната исповед за немоќ на сопствената песна. Потребно е тешко бреме од страдања, носени со години и неизговорени, и – дрочна зрелост на животна доба, за да се откина од себе стиховите:

Не ми е тежок гробот мртвите кај што лежат.
Песните што ги пеат на живите им тежат.

Постојат во нашата поезија и други места што се поставени на тапет овие проклетства. Никаде меѓутоа, тие не се до таа мера така интензивно присутни, претворајќи се во една централна и единствена тема. Иако е тешко и во голема мера рискантно подиректно да се укажува на тематските линии во една толку дискретно правена книга како што е Гледач во пепелта, таа, според нас, со сите свои осумнаесет песни, претставува една проширена метафора за исконскиот судир на човекот со неговата егзистенција, – драма што поетовото присуство ја чини уште посложена и поапсурдна. Природно и неминовно беше поетовото соочување со црните води на „Небиднината“ да предизвика во неговата поетика крупни промени.

Со оваа книга (и делумно Небиднина, 1963)** симбол на интимистичката лирика и нагласено емоционалните пристапи, поезијата на Ацо Шопов започна да открива една своја нова, мисловно заснована димензија која сѐ повеќе се затврдува како негова нова и автентична поетска вокација. Рефлексивниот немир од циклусот Молитиви на моето тело созреал во едно сè поинтегрално мисловно искуство. Очигледно: годинните, наталожениот опит критериумот на зрелата доба го сториле своето: рефлексивната синтеза стана единствениот можен исход за поетот дваесет и пет години активно и постојано присутен на нашата книжевна сцена. По облик, таа и овде има исповедна боја – но за разлика од порано, конфесионалноста е сега структурирана и проведена низ строгото сито на рефлексивната цензура.

Поетската структура на Гледач во пепелта е една од најхомогените и најцврстите во целата наша поезија, без оглед на некои послаби творечки мигови во неа. (Циклусот „Црни коњаници, Бели коњаници“ и др.). Таа поетски се материјализира преку еден цврст, стегнат, вонредно организиран јазичен фундмент. Инерцијата на формата од претходната фаза во творештвото на Ацо Шопов е исто така надмината: содржината, суштината и духот на песната се раствориле во невидливиот амалгам на поетскиот облик.

Во Гледач во пепелта во повеќето примери постигната е онаа повеќезначност на поетскиот исказ, карактеристична за модерната поетска експресија. Се чини, повеќе од било која од претходните книги на Ацо Шопов, неговиот версификаторски артизам и музичката ритмика на стихот се потчинети на содржинската едрина на песната. Тоа укажува дека својот беспоштедлив, отворен и наместа морничав дијалог со себеси, со сопствената песна и поезија воопшто во хаотичниот и сѐ уште докрај несфатливиот свет, Ацо Шопов го остварил на еден уверлив поетски начин, низ високи естетски домети. Во право е авторот на поговорот Ѓеорѓи Старделов кога вели дека во ниедна своја друга книга поетот не ни дал толку многу воедначено добри песни. Покрај подолгото „Долго доаѓање на огнот“ и програмската „Гледач во пепелта“ ние би ги истакнале и песните: „Златен круг на времето “, „Тажачка од онаа страна на животот“, „Август“, „Невреме“ и првата песна од циклусот „Црно сонце“. А тоа е речиси половина од оваа збирка.

Со книгата Гледач во пепелта некогашниот строго омеѓен, субјективно ограничен лирски простор од поезијата на Ацо Шопов е разграден и пробиен: интимното созреало во тежок, интегрален и длабок звук.

_______________
* Статијата е објавена во Нова Македонија, 23.08.1970, бр. 877, стр. 8, а потоа во  Живо и мртво, 1974.
** Се претпоставува дека заградата е затворена на погрешно место.
_______________

Огледи и критики на Милан Ѓурчинов за делото на Ацо Шопов: work in progress