За поетот нема изгубено време – Три нови песни од Ацо Шопов: „Баобаб“, „Пред расцутување на фланбоајаните“, „Во сонот  на црната жена“*

Ристо Лазаров

Охрид. Крајот на август, Струшки вечери на поезијата. Летница. Видување со амбасадорот. Со амбасадорот на СФРЈ во Сенегал. И првиот амбасадор на нашата поетска реч. Ацо Шопов не е нерасположен, но дијалог не може да потече. Тука се пријателите, колегите со кои не се видел одамна.

Неколку дена подоцна. Скопје. Средба пред Клубот на писателите. Внатре не влегуваме. Помина времето кога тука се собираа писателите. Продолжуваме, кон центарот на градот. Немаме многу време. Последен ден е од неговиот претстој во Скопје. Веќе ги спакувал коферите, подготвен е за пат во Дакар, на своето работно место. Пивото го испивме во бавчата на „Пелистер“.

Лани правевме подолг муабет. Сега исто така, но овој пат тоа не е интервју. Обична, секојдневна размена на мисли. Тоа што некои исечоци од разговорот во „Пелистер“ можеби ќе се најдат во оваа куса новинска белешка е најобична злоупотреба на неговата добрина. Се разбира со длабоко уверување дека тој нема да ни се налути, откако со задоцнување од десетина дена ќе ги прочита овие редови.

Информиран е, во детали, за она што се случува кај нас. Можеби овдешните настани кај него имаат задоцнет одглас, но тоа е сосема сеедно. Врската со родната грутка е цврста. Да, нека не биде заборавено: „Сите желби не можат да ми се остварат. Слушам многу за експанзијата на младите, тоа особено ме радува, но директните контакти со нивното творештво ми се многу ретки. Не би сакал да биде така, но…“ Како да не сака да ја доврши реченицата. Овој пат, всушност, чинам, тој свесно не доврши повеќе реченици. Успеваше „диломатски“ да прикрие дел од своето незадоволство. А може да се тврди: не беше голема дозата на восхит во неговите зборови за нашата литературна клима. Причините се познати. Барем на оние чие катадневие е нераздвојно од овдешниот литературен вриеж. Сепак, тоа не е „експлозивно“ незадоволство. По природа тивок, онака како што не умее да згазне на мравка, Ацо говори спокојно. Пак сме кај младите. Во разговорот ни се „вмешувaaт“ и постарите: „Меѓу постарите постои една група што не е мала, која покажува крајно неразбирање за младите. Отсекогаш сум бил категорички против манипулирањето со младите. Поезијата создава и отвора простор за сите вистински творци. Тоа на постарите не треба да им пречи“.

Писателот и политиката. Ацо повторува: едно е политика, друго е политиканство. Кај нас, според него, има меѓу творците сѐ повеќе политиканти. Писателот е свест на нацијата. Тој мора да е политички ангажиран. Тоа не значи дека литературата треба да им служи на дневните политички потреби. Литературата не е ничија слугинка, но и нејзе не и требаат слугинки. Трагично би било кога литeрати би ја воделе политиката, односно кога политичарите би ја воделе литературата. Тоа го вели Ацо. Пак нагласува: литературата мора да остане автономна.

А перото? Како те служи перото, Ацо?

Heговата cкромност paѓa  молчење. Прашање без одговор. Наместо тоа: „Битолското пиво е добро, навистина…“

Сепак, сѐ уште има такви мислења според кои заминувањето во странство е творечки изгубено време. Го потсетуваме. Веќе има одговор: „Престојот во странство не е изгубено време. Тоа го тврдам!“.

Тука сме. На крајот. Малку непристојно, бараме потврда за тоа. „Малку трпение, молам. Догодина ќе предложам за печатење нова книга, со афрички мотиви …“.

Нашата желба, најпосле, е задоволена. Млад борец во овој број прв објавува три песни од новата поетска книга на Ацо Шопов („Баобаб“, „Пред расцутување на фланбоајаните“, „Во сонот  на црната жена“).
__________________
* Tекстот е објавен во Млад борец, 1973, 29, 24-25, стр. 12-15

Други разговори и статии на Ацо Шопов