За Небиднината на Шопов*

Александар Прокопиев, македонски писател и литературен толкувач

Александар Прокопиев, македонски писател и литературен толкувач

Александар Прокопиев

Небиднина е исчекор во јазикот, излет што извира од внатрешната магиска способност на поезијата да го именува неименуваното. Енергијата на митските праслики, ослободувањето на ритамот од стегите на формалните рими и неговото активирање во говорната логика на духовниот транс, тоа се суштински благодети на геопоетичкото создавање кај Шопов […]

Небиднината е неопходна, ужаснувачки вистинита, но и длабоко инспиративна категорија во тој процес на себеспознанието во светот и на светот во сопоствената песна, кога човекот се сплотува со друг човек, со природата и со сопствената подзаборавена припадност на таинственото Пра-Едно. Сродно на ничеовскиот дионизиски занес, поетот, свесен за ништожноста и празнината, страствено и нескротливо патува кон сопствената целосност кога индивидуалната егзистенција ќе се сообрази со космичката. Како и претсократовците, Шопов е пленет од Елементите, како вечни знаци на космосот. Циклусот “Небиднина”, како и најголемиот дел од неговата поезија создавана со геопоетичка свест, е проникнат од полифонистичната моќ на елементите.

Во првата песна […] доминира жестокоста на Огнот […] што директно влијае врз сликата на вториот елемент, Земјата, објавена преку телото на поетот […]

Во втората песна […] Водата е елементот што дејствува, “глува поплава”, “матица од подземни места”, космички преплетена со ноќта, со темното, со “старинската приказна закопана длабоко во свеста”. Или во потсвеста, зашто Огнот – сонцето ја втиснуваше својата моќ врз појавното, врз брчките на земјата и лицето, врз врежаните линии во никогаш до крај сфатената тајна на човековата душа.

Во третата песна […] уште од првиот стих е наметната превласта на водениот елемент, што веднаш, карактеристично за Шопов, се активира […] Во натамошното доградување на митското поимање на светот, Шопов ќе го сублимира својот метафорички однос кон присутноста на бесконечното, обогатувајќи ја преку низа аналогии динамичната заемност во односот микро-макро, тело-природа. За разлика од онаа, не сосема вешто наречена “идеалистичка”, неосимболистичка струја во поезијата, која често ја запоставува “надворешноста”, Шопов припаѓа кон теургиската, митотворечката поетика, која неопходноста на проникнувањето во субјект-природа ја согледува во контекстот на обожествување на човечкото. Но и ваквото ничевско премавнување на ризикот, кога нагонот за самоодржување се отфрла со опиеноста, занесот, екстазата, се продлабочува и свеста за неумоливата минливост, оличен, во третата песна на “Небиднина”, во вода непроѕирна и црна, во густата, внатрешна вода која наспроти исцелителските езерски бранови во двете песни за крилестиот коњ [”Настан на езерскиот брег” (Песна на црната жена, 1976) и “Како најубави катрени од народната поезија” (Дрво на ридот, 1980)] е подземна, двосмислена, заканувачка […]

Во четвртата песна […] продолжува проникнувањето меѓу поетот (внатре) и природата (надвор). Додека во претходните песни границата се превладуваше со, во сета противречност, поттикнувачката моќ на елементите, во оваа песна поетот се изедначува со стеблото, односно тоа се претопува во поетовите длабини, крв, во обележје на неговата судбина […]

Петтата, завршна песна во циклусот “Небиднина” […] ја совладува и раздвоеноста што беше навестена како недоизоден копнеж во првата песна – онаа меѓу поетот и жената. “Патував долго, патував цела вечност / од мене до твојата небиднина” (“од тебе до мојата небиднина”) се преобразува, во завршното двостишје на циклусот, во : “Патував долго, патував цела вечност / од нас но нашата небиднина”. Низа преобразби, често болни преобразби, ги стивнуваат разликите, се патува кон целовитоста на различјето. Аналогно со природата, и со дејствувањето на елементите, самостојноста не ја исклучува меѓусебната витална врска, спротивно, заемноста е можност посебното насилно да делува, а “распаѓањето на телото” означува одделна смрт на секој негов дел – став што не се сфаќа “органистички”, туку во сообразност со возвишената игра меѓу идентитетот и разликата, меѓу “внатре” и “надвор”, меѓу хармонијата и минливоста […]

Номадската потрага е исто толку страствена во истражувањето на внатрешните лавиринти, каде што темно меандрира сопствената крв што се препознава во водата, стеблото, жената. Небиднинската поетика проникната со митски праслики, опсесивно ја негува и повторува соодветната симболика на крвта, персонифицирана низ опозицијата на божеството и демонот. Неспокојната, мистериозна крв, во дослух со тајните на космосот, едновремено сетилна и симболична, може да биде токму тој пат кон небиднината но и од неа, пат на јанѕа, но и пркос, своевидно иницијациско прочистување.

________________
* Извадоци од “Номадот Ацо Шопов”, Постмодерен Вавилон, 2000
Прочитајте повеќе извадоци есејот на Александар Прокопиев.

Други толкувања на поимот небиднина.