Поет на краткиот поетски здив*

Милан Ѓурчинов (1928-2018), македонски литературен критичар

Милан Ѓурчинов

Новата книшка стихови од Ацо Шопов, под наслов Ветрот носи убаво време, и како збирка на одделни поетски рефлексии и како целина, одново нè враќа кон старите, поранешни, неколкукратно изречени мисли и заклучоци за дијапазонот и духот на оваа и ваква поезија, за нејзиниот микрокозмички карактер и бит. Преостанува повторно и по овој повод да се каже, да се заклучи: Ацо Шопов е и останува поет на краткиот поетски здив, на близораките, дофатни поетски простории, среде кои неговиот белканто одекнува со утврденото рутинерство на една звучност што допира само до првите редови на галеријата, звучност која повремено може и знае да биде приемлива и пријатна, но никогаш не и − природно раздвижувачка, обновено и ненаслутено нова […]

Поетската материја на Ацо Шопов [онака како што е претставена во оваа збирка] е понајчесто лишена од оној примарен, решавачки неопходен однос во поезијата, − од онаа, при секој сериозен поетски зафат неизбежна, оска на доживувањето, од оној центар и јазел од каде секое невербалистичко а поетско транспонирање започнува да зрачи, да се расчленува и простира. Побудите, импулсите се тука пред сè нејаки, неактивни, инцидентно млаки и невозбудливи, па не е за чудење што изразните средства остануваат при тоа рамниште. Ни добри, ни лоши, ни прекумерно изразити, ни до крај аморфни, непроменливо пристојни и неизбришливо познати, со ретки исклучоци, тие остануваат под онаа клета линија, под која стои сè што е ефемерно и стандардно, како безутешни епитети на секоја просечност.

Меѓутоа, би биле неправедливи кога не би истакнале дека збиркава содржи и една добра и целосна песна, какви што се осумте стиха од „Песна” (стр. 30). Во неа се забележува и по некој успешен стих („И јас, мало стебло во темната шума на крвта„) или интересен наслов: „Сосем налик на сите брегови”, по некоја поприемлива интонација, по некој поприсен навев и глас, особено во вториот дел од книгата. Инаку таа е составена од благо разнишани и благо осенчени стихови, стихови во кои се пее за копнеæите и жали за минатото, стихови во кои има тивки премалувања и благи прекори на сопственото лекоумство, стихови во кои повремено засветкува непосреден акцент на една нејакост, разнеженост и мекост пред коравите и тврди нерамнини на животот […]

Со оглед на поранешните фази во поезијата на Ацо Шопов, на одделните несомнени нејзини домети, беше природно да очекуваме дека данокот кон ваквите неотпорности и искушенија на денот не ќе биде и овде платен така брзо во готово. За жал, најновите девијации на Ацо Шопов го потврдија тоа. Настојувањата негови да биде посовремен и нов ја осиромашија неговата инспирација, ги разводнија неговите внатрешни импулси, ја пореметија хармонијата на неговиот тоналитет, ги разлабавија жиците на неговата поетска порака, внесоа неред и нејасност среде неговиот поетски свет.

Димензиите, макар и скромни, профилите, макар и не до крај изострени и исцизелирани, сепак беа изразени во тој свет чии граници се обележуваа со поетското осмислување на еден интимитет, сфатен не само како привремено отклонување и засолнување во пристаништето, туку како природна егзистенција на поетот, како негов ненаметнат амбиент.

Во тој правец, во доградувањето на тој начнат свет, мелодиозната и размекната реч на поетот, емотивниот патос на неговите поетски рефлексии, можеа осмислено и резултатно да пронајдат излез за својот развиток, да ја согледаат смислата на своето траење. Книшката Ветрот носи убаво време, меѓутоа, повторно ја потврдува и апострофира очигледноста дека таа линија − во тоа сум цврсто убеден: единствено можна и единствено природна за поетот Шопов − е дисконтинуирана и испрекинато изневерена.

________________
Милан Ѓурчинов: „Ацо Шопов, Ветрот носи убаво време” (Скопје, Кочо Рацин, 1957 година). — Разгледи, 1958, V, 105, 5, 9.III.
________________

Огледи и критики на Милан Ѓурчинов за делото на Ацо Шопов: work in progress