This post is also available in: French Spanish German Russian English
Завештанијата на Ацо Шопов*
Катица Ќулавкова
„…Таа потрага по зборот е потреба на поетот да се зближи со своето време. Оттука искрснуваат сите тешкотии и сите убавини на поетското творење.“ – Ацо Шопов
Во повеќе наврати имам пишувано за поезијата на Ацо Шопов. Еднаш ја толкував неговата песна „Небиднина“ („Поимот небиднина или творечкиот порив“, 1983), друг пат ја толкував неговата песна „Раѓање на зборот“, („Толкувачки круг“, 2005), во сосема друга прилика го подготвив есејот за хармонијата меѓу звукот и значењето во неговата поезија („Исконска драма во поезијата на Ацо Шопов – херменевтика на парономастичноста“, 1993), а исто така напишав и исцрпна студија – предговор кон изборот од неговата поезија што го објави „Македонска книга“ од Скопје (1993, VII-XLII). Тој предговор има наслов „Зреење на песната или обид да се реконструираат развојните творечки начела во лирската поезија на Ацо Шопов“. Имам пишувано и по повод компаративното проучување на опусот на Ацо Шопов и на Леополд Седар Сенгор, а во рамки на една меѓународна конференција, одржана во Скопје (2006), потем по повод по неговата збирка Дрво на ридот во далечната 1980 година, и конечно, се имам огласено за неговото творештво и посредно, пишувајќи и промовирајќи ги, најпрвин, монографската студија на Јасмина Шопова за Ацо Шопов (По-трагите на Ацо Шопов, 2002), потем и нејзиниот специфичен избор и претставување на поезиите и поетиките на Сенгор и на Шопов (Сенгор – Шопов: Паралели, 2006), книга објавена двојазично, на македонски и на француски. Да не ги спомнувам усните есеи и толкувања на песни на Ацо Шопов што ги имам направено неброј пати во текот на мојата универзитетска настава, додипломската и постдипломската (главно интерпретации на неговите песни од циклусите за небиднината и црното сонце, односно неговите минијатури. За една од нив („Лов на езеро“) имам пишувано и во мојата докторска дисертација Одлики на лириката (1988).
Зошто го кажувам ова? Зошто ваков увод и ваква автопромоција низ ретроспекција на моите толкувачки огледи? Одговорот можеби би бил најблизок до вистината ако кажам дека тоа е затоа што всушност не би сакала, при подготовката на овој избор од поезијата на Ацо Шопов и при пишувањето на овој предговор, да се повторувам себеси. Тоа беше причината поради којашто ја напуштив идејата да направам колаж од мои искажувања за поезијата на Ацо Шопов. Недвосмислено можам да кажам дека овој пат чувствувам потреба да го прикажам делото на Ацо Шопов низ една поинаква перспектива. Оваа нова перспектива произлегува од сегашната, постшоповска констелација во којашто се наоѓа македонската поезија. Таа перспектива овозможува предметот на толкување да биде воедно и предмет на вреднување. Освен тоа, оваа перспектива овозможува во фокусот на интерес да се вклучи понагласено, иако не изричито, покрај поезијата на Шопов, и корпусот на современата македонска поезија, особено онаа создавана во повоениот период, заклучно со 1980-та година, значи во периодот на македонската Модерна.
Таквото вудвојување на предметот на перцепција подразбира стратегија на компаративно вреднување на развојните текови и на системските начела на поезијата на Шопов во контекст на македонската современа поезија, така што во овој предговор ќе ја напуштам постапката на блиско читање на одделни текстови на Шопов, или на сосредоточено толкување на неговото творештво од внатрешна гледна точка. Таа методолошка разлика се наметна како битна при одредувањето на улогата на Ацо Шопов (стереотипно кажано) во системот на македонските книжевни и културни вредности. Тоа, впрочем, е логично да се направи сега, откако поезијата на Шопов се има инсталирано како несомнена вредност, а поетот Ацо Шопов може веќе да се смета за македонски класик, заедно со заокружените опуси на уште неколкумина одбројани автори какви што се, на пример, Блаже Конески и Славко Јаневски.
При ваквото компаративно толкување на поезијата на А. Шопов и на македонската совремана поезија, всушност, го имам предвид периодот во којшто Шопов твори и објавува активно, а во исто време се профилира корпусот на современата македонска поезија, значи периодот помеѓу 1944 и 1980 година. Овој период, иако често посматран како увод во современата македонска книжевност, што ќе рече како период на етаблирање и на стабилизирање на идентитетот на македонскиот современ (повоен) книжевен и јазичен израз, претставува многу повеќе од обичен увод во еден нов јазично-уметнички канон. Улогата на уводничари и втемелувачи на современата македонска книжевност ја имаа, на пр., многу повеќе Коста Солев – Рацин и Коле Неделковски, одошто македонската тројка од тн. прва повоена генерација – Конески, Јаневски и Шопов, кои настапија на веќе подготвен терен, макар иницијално. Со тоа немам намера да им ја одземам важноста на втемелувачи на македонската современа книжевна традиција, туку напротив, сакам да подвлечам дека тие, од различни причини, се многу повеќе од втемелувачи. Имено, периодот на јазична, поетичка и естетичка дезориентираност, кај Ацо Шопов, трае релативно кратко време. Во тоа кратко време, Шопов ја надминува заблудата дека треба да пишува на српски јазик или дека треба да остане на позициите на револуционерната, патриотска и социјална поетика. Можеби благодарение и на брзите и интензивни пресврти кои се одвиваат во социо-културниот контекст, можеби и како воздејство на други собитија, сеедно, важно Ацо Шопов брзо го надминува и периодот на патриотска патетичност и на идентификација на лирскиот објект, субјект и код со химничното пеење од времето на самиот крај на втората светска војна и првите неколку години од конституирањето и функционирањето на социјалистичкиот режим и на револуционерниот дух, сето тоа прекриено со колективен призвук. Ако е за право, кај Ацо Шопов, дури и во најраната фаза од неговото творештво, е видлив силниот индивидуален печат. Тој печат е толку силен, што им се спротивставува, на владејачките стилски и тематски конвенции. Како поинаку може да се објаснат првите негови антологиски песни како „Љубов“ и „Очи“? Како да се одрече фактот дека, судејќи според овие две песни, уште во најраната творечка фаза на Шопов, фаза во којашто во македонската книжевност владее партизанско-акцијашкиот тип на социјална и патриотска поезија, се присутни авангардни отклонувања од владејачките естетски конвенции? Како да се пренебрегне сознанието дека, уште во раната поезија на Шопов, во дослух со колективистички интонираниот глас на времето и поглед на свет, пробива еден високо сензибилизиран и личен јазичен допир со светот? Во тој јазичен допир со светот, творештво на Шопов искусува неколку поетички канони: канонот на футуризмот (во неговите маршеви и химни) и на експресионизмот, слеани во еден хибрид во којшто преовладува специфичниот македонски, антифашистички револуционерен и социјален порив (На Грамос); канонот на усната поетика кој е толку вкоренет во јазичната и културната традиција, што одекнува со своите препознатливи стилски схеми и стереотипизирани места („Предсмртно писмо на еден партизан“, „Партизанска пролет“); антиконформистичкиот микст од различните канони („Кратово“). Шопов, во овој период, е во дијалог со времето во коешто живее и твори. Во неговата поезија се проектираат клучните поетички интереси и пресврти карактеристични за севкупната македонска поезија. Така е и со другите поети на тоа време, со таа разлика што не сите имаа дарба и моќ да се изделат од целината како посебен индивидуалитет (автентичен стил, јазик и поглед на свет).
Потоа доаѓа средбата на поетот Шопов со езерото (1952). Со Езерото на животот и на смртта. Со Богот на јазикот. Доаѓа времето на шифрираниот, херметичен говор. Доаѓа времето на умножената семантичка матрица. Сфингата на поезијата. Нигде ѕирка ни проѕирка. Метафора. Ребус. Гатанка. Животот и смртта, биднината и небиднината стануваат една препознатлива тематика која го формира клучниот поетски топос на Шопов – сенката на смртта, раѓањето сфатено како умирање, а животот како соочување со неповратното. Овој, навидум општ филозофски топос, Шопов го преточува во конкретни поетски визуелизации, во јазични слики и фигури, во симболи и созвучја, што може да ги илустрираме со сликата на мечтаењето крај брегот на езерото, со бројните поетизирани слики на езерото, со параболите на песната и на поезијата („Песната“, „Поетот и љубовта“). Песната станува дом на маката и на радоста, поетска метатеза на амбивалентното чувствување на домот (јазикот, татковината). Стихот станува парабола на постоењето. На бивствувањето. На суштествувањето. Стихот е и облик на дејствување. Стихот е откровение. Стихот е чувствување. Ни светот е едногласен (монотон), ни песната. Ни светот е еднобоен, ни песната.
Шопов брзо го преминува прагот на интимната лирика, откривајќи го феноменот на убавото во нијансите: на телото, на природата, на јазикот и на духот. Ја открива тишината како единство на чувственото и естетското, на емотивното и сетилното. Тој ја крепи и ја опева својата меланхолија, дури и во мигови на врховно просветлување и радост. Минијатурната песна, катренот „Во тишина“, најдобро го покажува тоа. Кон неа се придружува цел циклус песни посветени на убавината („Промената“, „Ах таа убавина“, „Кон галебот што кружи над мојата глава“, па „Ноќта“, „Лист“, „На езеро“, „Лов на езеро“). Следи фазата на откривањето на етичката димензија на човекот и дополнувањето на сликата на убавината со копнежот по Добрината и по Пријателот („Треба да бидеме подобри“). Ветрот носи убаво време (1957). Интимната конфесија е обележана со поимањњето на хуманоста, со етички концепти. Врелото сеќавање на поетот е во потрага по пристан, по брег на којшто (и) времето (се) запира во облик на арабеска („Сосем налик на сите брегови“). Во оваа преодна фаза, во оваа поетичка транзиција, песната се идентификува со небото, со Небото на тишината. Тишината и говорот се две лица на една иста медалја. Песната станува помалку конфесионална а повеќе разговорна, се создава една драмско-поетска дијалогичност меѓу поетскиот субјект и еден друг, имагинарен субјект на којшто му се обраќа поетот. Се создава илузија дека песната повеќе не е ни интимна, ни лична, уште помалку автобиографична, иако песната не може сосема да се ослободи од овие димензии. Станува сé појасна автопоетичпката перцепција, потребата да се соопшти дека во поезијата е исклучително важен начинот/формата на којшто се остварува исповедно-интимниот исказ: кога е директен, тој е патетичен и непоетичен, кога е индиректен и посредуван со слики и со други поетски конструктивни постапки, тој е симболичен и поетизиран.
Токму во рамки на поетскиот опус кој ѝ припаѓа на фазата на лирскиот интимизам, конфесионализам и субјективизам, постепено се оформува претставата за модернистичката поезија, за македонската Модерна. Исчекорот сепак Шопов го прави со песните од книгата Небиднина (1963). Македонската Модерна стапува на сцена раните шеесетти години. Канонот на лирската Модерна профилиран од Ацо Шопов, е втемелен врз начелото на оптативниот дискурс, врз молитвеноста конструирана како варијанта на една модифицирана химничност својствена за архетипот на лириката (ако се осмелиме да го замислиме воопшто). Значи, Модерната не значи радикален прекин со интимистичкиот и конфесионалниот лиризам, практикуван како интимно версифицирана беседа, туку продолжува во молитвите на Небиднина, а има ли нешто кое е поинтимно од молитвата? Шопов ја профилира македонската Модерна токму со стилот во којшто тој се чувствува суверен: молитвеноста, само што овој пат молитвениот дискурс оди во спрега со моќните херметични слики на раѓањето и на смртта, со сликите на јазикот и на човекот, на жената и на мажот. На местото на небото на тишината, овој пат стапнува дијаболичниот меч на тишината („Осма молитва на моето тело“). Конечно, Шопов ја создава песната – ремек дело „Раѓање на зборот“, иманентен манифест на македонскиот неосимболизам, или подобро – супрематизам. Тој се движи по рабовите на обредната, магична реч на песната сфатена изречена како молитва, а доживеана како ритуална парабола на раѓањето и на умирањето. Ваквата блискост меѓу обредот и песната, меѓу кодираната поетска реч и кодираната реч на магизмите од прастар тип, се потврдува не само во антологискиот циклус “Небиднина“, туку и во песните кои конвергираат кон него: „Лузна“, „Има долу една крв“, „Очај пред тврдината“ и „Песната и годините“. Во поезијата на Шопов се отелотворува оностраната врска меѓу крвта и песната, меѓу поривот и речта, меѓу траумите и мемориите на човекот, на народите и на човештвото. Овој концепт на поетски дискурс, препознаен како модернистички (антитрадиционалистички, антисоцијален), ја универзализира топиката на поезијата на Шопов, правејќи ја – конечно – многузначна, тешко одгатлива, прекумерно семантична, тешка од смисла, бремена од наследени и насетени наслаги за постоењето. Македонската Модерна, видена низ призмата на Шопов и на неговата поезија, практикува херметичен дискурс кој обзема и шокира, состојба која трае сé додека не се најде пристап до него, сé додека не се открие клучот на неговото толкување.
Тој семиотички клуч е променлив онолку колку што се променливи проекциите на поетските значења на песните од Небиднина. Се работи за специфичен модел на модернистички протеизам. Тој спаѓа меѓу најголемите предизвици на книжевната херменевтика, затоа што се темели врз начелото на радикализација на ентропичноста, до една крајна точка од којашто се наѕира бездната, отсуството на знакот, сомнителниот свет на непостоењето. Исчезнувањето на она кое било. Небиднината. Семантичката и онтолошката небиднина на Шопов. Токму таквата Модерна ги проектира, една во друга, крвта и смислата на постоењето, го пеоектира познатото во непознатото, зачетокот во крајот. Македонската модерна потпишана од Шопов ги гледа раѓањето и смртта како примордијални двојници, како актуелизација на универзалниот архетип во македонската реч, во просторот на македонскиот јазик, во времето во коешто тој јазик имаше слобода и право да крикне до кај што го носи грлото. На тој пат, Шопов се сретнува со вечноста: една димензија на времето по којашто трага секој Поет.
Врв на македонската Модерна и на Модерната на Шопов е поетската збирка Гледач во пепелта (1970) и циклусите „Долго доаѓање на огнот” и „Црно сонце”. Во оваа збирка поетиката е свесна, постои автопоетичка димензија на пеењето, постои свест за поетското дијалогизирање со универзалните топоси, сеедно дали и колку тие се преземени од други автори и традиции (Црно сонце на пр. – Виктор Иго, окултните традиции). Огнот и сонцето, земјата, ветерот (воздухот), водата (езерото, подоцна океанот). Четирите елементи на создавањето и на постоењето на универзумот – огнот, водата, земјата и воздухот – колку едноставно навидум, а колку тешко се стигнува до нивното поетско обликување! Шопов тргнува од елементарното, за да се врати назад, повторно, кон елементарното, само овој пат со повисока свест, со траги оставени зад себе, со завет оставен за својот народ и за својот јазик. Неговиот свет добива име, како што и неговата небиднина, несветот, добива име – Македонија. Шопов успева да ги вкрсти сликите на универзумот со сликите на Македонија и во нив да се огледа себеси, како една необична нужност која се појавила на свет за да го открие патот кој постои, но да го открие не во нема тишина, туку во поетски говор. Немаме намера до го толкуваме ова поетско завештание на Шопов. Премногу е сериозно за тоа да го направиме во овој кус предговор. Но, затоа, потсетуваме дека македонската поезија ја има задолжено светската култура со неколкумина поети, меѓу коишто без сомнение Ацо Шопов е еден од најзначајните, а неговата збирка Гледач во пепелта една од најсигнификативните.
По овој меѓник во еволуцијата на современата македонска поезија, Шопов можеше да здивне и повторно да му се врати на канонот на благиот, контемплативниот и интимно интонираниот говор на восхит и на препознавање на сличностите во светот/јазикот. Во оваа фаза Шопов може да им се препушти на импулсите на доживувањата на непознатиот свет, на светот на Црна Африка, на Црната Жена, на музиката на баобабот, на сезоните на ивернажот, на раскошот на фламбоајаните, и во нив да го излие стекнатото искуство, мудроста на зрелата личност, вдоменоста во светот како поет. Оваа тенденција ја заокружува неговата поетска авантура, неговото патешествие по патеките на имагинарното, на мечтите и на поривите, на претчувствата и на обредните созвучја и ритми. Не случајно Шопов се препознава себеси во ритмите на африканската музика, што иницијално ги насетуваме во ритмите на неговите двостишја од Долгото доаѓање на огнот, на пример. Во ова препознавање на сличностите се насетува и препознавањето на разликите меѓу Африка и Македонија. Сличностите и разликите постојат меѓу световите, но на различни рамништа.
На крај, поетското езеро на Шопов се повлекува во осека, доживува состојба на одлив, на повнатрешнување на говорните слики. Поезијата на Шопов се стишува, семантички и стилски, во неговата последна збирка Дрво на ридот (1980). Шопов се доближува до крајот. Изнемоштен е. Меланхоличен. Самотен пред средбата со Вишниот. Во таква состојба на духот, нему мигновено му се враќаат сите значајни теми – темата на пламенот/огнот, темата на телото, темата на светлината (сонцето, секавиците), на земјата и на родното тло („Шара“, „Дрво на ридот“), на ветрот/бурата и на езерото/водата. Езерото на животот. Во својата последна песна сентенционално вели: „Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија“ („Патување во родниот крај – средба со светот“). Немам аргументи, а ни желба да тврдам дека тој знаел што ќе се случи со неговата љубена Македонија само дваесетина години по неговата смрт. Но, верувам дека претчувствувал. Впрочем, во една од своите последни песни, тој навестува загриженост во една слика на Македонија, чиешто значење не е тешко да го преведеме: „Разнишана од бури и породилна агонија / галијата плови низ бурите, ту исчезнува меѓу браановите / ту изронува од нив / со име Македонија.“ („Езеро на животот“).
Верувам дека поетската книга Небиднина на Ацо Шопов не е создадена случајно, токму во времето кога македонската книжевност и македонската култура доживуваат своја творечка експанзија и процвет, како ретко кога во историјата. Верувам дека Ацо Шопов се има „зближено со своето време“ токму преку поетската реч. Неговата поезија може да се дефинира заправо како средба со времето, и она време што поетот го препознава како Свое, и она време кое Него го доживува како Свој поет. Веројатно во оваа насока и треба да ја одгатнуваме смислата на неговиот исказ „…Таа потрага по зборот е потреба на поетот да се зближи со своето време. Оттука искрснуваат сите тешкотии и сите убавини на поетското творење“ (цитат од поетот во По-трагите на Ацо Шопов, стр. 125). Шопов се зближи до своето време толку многу, што на идните генерации ќе им биде тешко да го одгатнат тоа негово време без големите метафори на македонската Модерна што ги наследивме од Ацо Шопов: метафорите на небиднината, на црното сонце и на раѓањето на зборот.
__________________
* Предговор кон изборот од поезијата на Ацо Шопов Раѓањето на зборот, Битола, Микена, 2008. стр. 5-14.
__________________
Прочитајте други студии на Катица Ќулавкова за творештвото на Ацо Шопов
Прочитајте го и нејзиниот осврт кон книгата Сенгор – Шопов: Паралели (2006) „Задоволство во читањето”.