Биднината на поезијата: нови изданија на и за поезијата на Ацо Шопов*

Катица Ќулавкова. Ноември 2013, Скопје, МАНУ: прослава на 90 годишнината од раѓањето на Ацо Шопов.

Катица Ќулавкова

Во текот на својот живот, Ацо Шопов има напишано и објавено тринаесет авторски книги поезија, од коишто подоцна се приредени бројни избрани изданија на македонски и на други јазици. Интересно е да се промисли, денес, од временска и вредносна дистанца, колку преводи на неговите книги се направени во текот на неговиот живот, односно како течело приопштувањето на поезијата на Ацо Шопов во другите јазици и култури.

Од беглиот увид во податоците, се гледа дека, само десет избори од поезијата на Ацо Шопов се преведени на други светски јазици, во текот на неговиот живот. Шест од тие избори се објавени кај издавачи во републиките во составот на СФР Југославија (Љубљана, Нови Сад, Титоград односно Подгорица, Белград, Загреб), а само четири на други јазици и кај издавачи во странство: еден на руски1 (1964), еден на летонски (Рига 1974), еден на француски (1978) и еден на романски јазик (1981).

По неговата смрт, од 1987 година до денес, објавени се уште десет избори од неговата поезија, и тоа на следните јазици: два избора на шпански јазик, еден во Мексико (1987) и еден во Аргентина (2011), неколку на француски јазик – во превод на Едуард Моник едно издание на УНЕСКО, 1994, друго во Луксембург 2012 (двојазично, француско и германско), уште едно француско-македонско издание во Скопје, на Матица македонска од Скопје (2001), потем еден избор на германски во издание на Струшките вечери на поезијата 2010 година, еден избор на англиски јазик во превод на Зоран Анчевски 2011 (инаку издание на НУБ „Климент Охридски“ од Скопје), еден избор на бугарски, во превод на Роман Кисјов, (2013 година во Русе, Бугарија)2. Објавени се, се разбира, бројни помали селекции во рамки на антологиите на македонската современа поезија.

Од наведеното се насетува дека поезијата на Ацо Шопов не е преведена, претставена и воспримена надвор македонското нативно јазично и културно подрачје, соодветно на нејзиниот формат. Се чини дека допрва претстои задачата, поезијата на Ацо Шопов да се приопшти, низ репрезентативни антологиски избори, на англиски, германски, руски, португалски, италијански, турски, грчки, и други јазици ширум светот.

Тука ќе потсетам уште на еден податок илустративен за хабитусот на Ацо Шопов и за книжевниот амбиент во Македонија: избран, на 18 август 1967 година, меѓу првите, за член на Македонската академија на науките и уметностите, една година подоцна и за дописен член на Српската академија, тој станува и добитник на највисокото југословенско признание АВНОЈ (1970), како и на неколку литературни награди: „Кочо Рацин”, за збирките Слеј се со тишината (1955) и за Гледач во пепелта (1970). Но најпрестижната награда за поезија „Браќа Миладиновци”, на СВП, Ацо Шопов ја добива во 1977 година за Песна на црната жена (1976), една од последните негови збирки, а не ја добива за неговитге најрепрезентативни книги, Небиднина (1963), Гледач во пепелта (1970). Наградата „11 октомври”, пак, за животно дело ја добива неколку месеци пред смртта (на крајот на 1981 година). Во овој миг само толку ќе биде кажано за несензибилноста на македонската критика за врвните поетски вредности.

Поетите се раѓаат и умираат, поезијата живее. Само на поезијата ѝ е потребно живеалиште, а тоа е преводот, неговиот дом, за да може да се шири кругот на јазиците во коишто одново ќе се испише поезијата и за да може да се впише во свеста на читателите и да се приопшти во колективната свест како уметничко и културно добро од пошироко значење од локалното. Иако, да биде јасно, изворното (локално!) значење на еден поетски опус и на еден поет се примарни, па без нив не би можеле да зборуваме за било каква универзализација, за натамошна рецепција и вреднување. А тоа втемелување на поезијата на Ацо Шопов во македонскиот јазик и во македонската култура е неспорно и длабоко.

Кога би се опишувал светот на македонскиот јазик, не би можеле да се одмине блескавиот влог на Ацо Шопов. Во неговата поезија македонскиот јазик звучи свечено, ритмично, возвишено, човечно, интимно, метафизички, меланхолично, катарсично и, зошто да не, ритуално. Неговата поезија е перформативна (изведбена), затоа што во мигот кога се сеќавате на неа, или кога ја читате гласно (оти и сеќавањето е препрочитување!), таа поезија е чинодејствена: релаксира, облагородува, разнежува, возбудува, просветлува, ослободува… Со поезијата на Ацо Шопов би можело да се поврзе она што денес се нарекува „библиотерапија” или терапија со читање поезија.

Да почнам од новото издание на, веројатно, најзадумната поетска книга на Ацо Шопов, Гледач во пепелта, овој пат во издание на ’Везилка 2011’ од Скопје, во едицијата „Врвови“, иницирана од пријателот на Шопов, истакнатиот македонски писател Ристо Лазаров, кој е автор на кусиот но инспириран поговор кон ова издание. За поезијата на овој класик на македонската поезија, Лазаров истакнува дека со неа „треба да се биде ’на ти’, затоа што е ’душа искажана со јазик’”.

Патешествието на поетското творештво на Шопов може да се следи како приближување кон „црното сонце”, почнувајќи од Песни (1944) до Дрво на ридот (1980).

Гледач во пепелта (првото издание на Македонска книга, 1970), значи, еве 43 години по нејзиното создавање и објавување, се вбројува меѓу врвот на македонската поезија. Составена од четирите циклуси ’Долго доаѓање на огнот’, ’Гледач во пепелта’, ’Црни коњаници, бели коњаници’, и ’Црно сонце’, оваа книга го поврзува кругот на клучните зборови во поезијата на Ацо Шопов и го исцртува кругот на основните елементи од коишто е составен неговиот поетски свет: огнот, пепелта, езерото и црното сонце.

Роден на 20 декември, кога тлее огнот на доцната есен и раната зима, на зимската пресвртница (вртолун), кога е краткоденица, кога пламенот на сонцето се стивнува небаре жарта станала пепел, кога за миг сонцето запира на еклиптиката пред да го започне новиот циклус на деноноќијата, на самиот излез од соѕвездието Стрелец, под симболиката на Кентаврот, Шопов го воведува во игра судирот меѓу светлината и темнината, меѓу животот и смртта, меѓу црниот и белиот коњ. Тој го опева црното сонце, сончевиот крст и круг, кое е древен, пагански, окултен, алхемиски и соларен симбол. Овој симбол, меѓу другото, се чини дека ја навестува новата етапа од животот и од творештвото на Ацо Шопов, етапа која се поврзува со неговиот престој во Сенегал, Африка, и на којашто ѝ припаѓа неговата книга Песна на црната жена, со неколку антологиски песни во неа.

Црното сонце е семантички комплементарно на вториот култни симбол на Ацо Шопов, небиднината. Со тоа, овој симбол на трансформацијата, и самиот се преобразува од метафизички во профетски знак, поврзан со згаснувањето на огнот на големите царства, идеали и хуманистички концепти. Поезијата во Гледач во пепелта е сублимирана, значењски екстракт, ритмична, созвучна, страсна како оган, преполна со внатрешна тензичност која создава оксиморонски, парадоксални визии, која ги става во едно црното и белото, темното и светлото, злото и доброто, смртното и живото, земјата и небото, виј од молк. Таквата поезија генерира горчливо-слатки вкусови на ’злодобро’, време-невреме, ’црнобело’, црно-сонце, потемнето, полноќно, помрачено сонце…

Поезијата на Ацо Шопов во Гледач во пепелта е ритуал на изгон на злото, ритуал на благословување на песната која има магиска моќ да исцели, да прочисти, да облагороди. Кога би постоела таква ’Магна песна’ за човештвото, светот веројатно би бил спасен. Оваа поезија е апокалиптична, светот во неа се урива за да се роди од пепелта одново. Таа има една теозофска димензија која е отаде религиските егзегези. Има нешто светло паганско во неа, нешто кое потсетува на архетипските пространства на раѓањето на светот, отаде моралните антиномии, отаде приземните и профани суети, самољубија.

Оваа книга е поетско евангелие за македонската несреќа и коб. Денес треба одново да ја читаме и да се обидеме ја толкуваме како аманет на поетот кој и во најцрн мрак наѕира дека од згаснатата ѕвезда капе тивка, топла светлина на хуманоста.

Бугарското издание на Роман Кисјов, избор објавен под наслов Раждане на словото, содржи песни од неколку стихозбирки на Шопов, но не и од Гледач во пепелта (со исклучок на две кратки песни). Прекрасно спакувана, оваа книга е уводно претставување на поезијата на Ацо Шопов пред бугарските читатели. Јас се сеќавам дека во антологијата Современи македонски поети, објавена 1998 година, од Бугарскиот ПЕН и ’Свободното поетическо обштество’, песните на Шопов ги преведе прекрасната Невена Стефанова, еминентен преведувач, поет и сликар, личност која ја има задолжено македонската култура. Таа антологија е проследен со воведната напомена на преведувачите Стефанова, Петар Караангов, Борис Мисирков, Румен Леонидов и Јордан Ефтимов, дека поради „несовладливите проблеми кои искрснаа при преводот на одделни песни“ („непреодолими проблеми, в’зникнали при превода на отделни стихотворенија“) од Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Петар Т. Бошковски, Михаил Ренџов и Атанас Вангелов, „се наложи потребата тие да отпаднат од антологијата, составена од академик Старделов, а некои творби да бидат заменети со други.“ Во оваа антологија се вклучени дванаесет песни на А. Шопов, три од „Молитвите на моето тело”, циклусот „Црно сонце”, како и песни од други збирки3.

Некои од овие песни денес ги имаме во нов превод на Роман Кисјов, издание од 2013 година, објавено во Русе, Бугарија, под наслов Раѓањето на зборот. Овој прв пообемен избор од поезијата на Ацо Шопов ја покажува сета апсурдност на отсуството на нормална меѓукнижевна и меѓукултурна соработка меѓу Македонија и Бугарија. Да се надеваме дека ѕидовите не се вечни и дека ќе паднат сосема пред да биде доцна и за едниот, и за другиот народ. Предговорот на Кисјов го претставува Шопов како „роден поет”, како врвен македонски и европски поет кој конечно се претставува и на бугарски јазик.

Препевот на Кисјов, колку што можам јас да судам за тоа, е мошне добар, песната ја чува својата експресивност, драматичност и еуфоничност, така што бугарскиот читател ќе може да ја доживее естетската хармонија на поезијата на овој наш македонски поет. Книгата е конципирана така што, наместо поговор, наведени се цитати за поезијата на Ацо Шопов од 14 критичари, преведувачи, поети, толкувачи на поезијата и други еминентни личности од светот, вклучително и од Федерико Мајор, Едуард Моник, Ив Бержере, Адел Рифаат, Клодин Елф, Аурора Марија Сааведра, Драшко Реѓеп, Радомир Ивановиќ, како и од неколку македонски писатели.

Деновиве излезе од печат и едно необично издание на раскази, прозни импресии и раскази – патописи од Ацо Шопов, приредено од Блаже Китанов, а во издание на ’Макавеј’ од Скопје. Насловот на оваа книга проза е Од Исарот до Мамел (со поднаслов „раскази и патеписи“). Се работи за 15 раскази, некои објавени во литературната периодика, а некои сочувани во оставнината на Ацо Шопов, распоредени како раскази од детството или пред војната, од младоста или од војната и раскази од повоениот живот. Предговорот на д-р Блаже Китанов дава прецизен опис на објавените прозни текстови на Шопов, за коишто книжевната критика допрва треба да се изјасни. Како што е познато, Китанов има докторирано врз делото и животот на Ацо Шопов и останува верен на овој свој порив, да истражува нови сегменти од опусот и од животот на Ацо Шопов.

На крај, ќе потсетам само уште на фактот дека во 2011 година е објавен избор од поезијата на Шопов во Буенос Аирес, под наслов Sol negro или Црно сонце (Traducción de Luisa Futoransky. Избор и пролог на Јасмина Шопова. Buenos Aires : Leviatán, 2011. 98 p.). Истата година излегува од печат и двојазичното издание во Луксембург, повторно под наслов Црно сонце, односно Soleil noir = Schwarze Sonne (Préface = Vorwort: Jasmina Šopova), Differdange: Editions PHI, 2012. 121 s).

За овие две изданија стана збор при нивната промоција минатата година, организирана во МАНУ, па сега не би говорела за нив. Но би подвлекла, заклучно, дека со најновите изданија на преводи и избори од поезијата на Ацо Шопов во Аргентина, Луксембург и Бугарија, започнува нова фаза во нејзиното вреднување, а со тоа и во нејзиното приопштување меѓу елитните претставници на поетската Модерна на 20 век. Се чини дека, како и за секоја добра поезија, има биднина за поезијата на Ацо Шопов4.

_________________________

1Поетското творештво на Ацо Шопов дојде кај рускиот читател при крајот на 50-те години на дваесеттиот век, во состав на антологиите на поезијата на народите на Jугославија. Оттогаш тоа неизмено предизвикува интерес кај преведувачите, читателите и истражувачите. Во 1964 година издавачката куќа Прогресс ја објави лириката од Ацо Шопов како посебна книга. Шопов е застапен во сите антологиски избори на македонската поезија излезени во Русија: Корни и sвезди (Радуга, 1988), Во пресрет на сонцето (Клуч, 1997), Од век во век. Поезија на Македонија (Радуга, 2002), како и во последните две поетски книги Гласови покрај водата. Антологија на современата македонска поезија (У Никитских ворот – Макавеј, Москва, 2010) и Современа македонска поезија (Окоём, Москва, 2011).
2 За овие аспекти пишува Милош Линдро во книгата Шопов во светот, Шопов од светот. Избор и предговор Милош Линдро. Скопје: Македонска книга, 1994 (Избор, кн. 2).
3 Жена во ивернажот”, „Пред расцутување на фланбоајаните”, „Загледан во океанот”, ”Секавици над Шара”, и др.
Преводи на поезијата на Шопов на странски јазици

__________________________

* Беседа на Катица Ќулавкова на Свечениот собир по повод 90-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов, одржан во МАНУ на 25.11.2013.
__________________________
Катица Ќулавкова е автор на следниве огледи и критики за творештвото на Ацо Шопов:

Прочитајте го и нејзиниот осврт кон книгата Сенгор – Шопов: Паралели (2006) „Задоволство во читањето”.