Толкувања на Јус-универзум

За Јус-универзум критиката молчи... Во времето кога Шопов ја објавува збирката претставувало „вистински подвиг на јавноста и литературата да им се дадат грст сатирични осила од прва рака“, како што тоа го формулира Миодраг Друговац во рецензијата „Ацо Шопов: Јус-универзум“, па веројатно и да се пишува за оваа книга претставувало вистински подвиг. Спомената рецензија на Друговац не содржи повеќе од два параграфа и е малку подолга од онаа на Сретен Перовиќ, кој наговестува дека би било интересно „оваа збирка сатирични афоризми во поетска форма, кои претставуваат социолошко-психолошки пројекции на нашето време, нашите читатели да можат да ја видат во целост на српскохрватски јазик. Личноста на Ацо Шопов со неа е осветлена на еден нов начин“.
Но читателите не ја видоа ни во целост, ни фрагментарно, ниту на српскохрватски, ниту на било кој друг од јазиците кои се зборуваа во тогашна Југославија...
За волја на вистината, статијата на Друговац објавена во Вечер, на самиот почеток на 1969 година, оди подлабоко во анализата и во неа, тој книгата ја нарекува „огледало, но и прирачник на нашата општествена совест“. Но поопсежна студија за оваа збирка, Друговац (повторно тој, и само тој од сите македонски критичари) ќе објави дури во 1983 година, односно по смртта на Тито... и на Шопов.
По него, и тоа десет години подоцна, во сосема различна политичка атмосфера, за книгата ќе пишуваат уште двајца македонски писатели.
Прочитајте ги:
- интервјуто на Ацо Шопов објавено под наслов „Сатирични стихови Јус-универзум”, во Вечер, на 3.12.1967;
- статијата на Друговац „Остер сатиричен збор“, објавена во Вечер, на 4.1.1969;
- кратката рецензија на Миодраг Друговац за збирката Јус-универзум, објавена во Современост, 1969, XIX, 10;
- кратката рецензија на Сретен Перовиќ, објавена во Стварање, 1969, XXIV, 4;
- освртот на Друговац „Ацо Шопов како сатиричар“, објавен во Современост, 1983, год. 33, бр. 4, стр. 89-97;
- прегледот на песните во збирката Јус-универзум од Васил Тоциновски, објавен под наслов „Сатиричната поезија на Ацо Шопов” во Творештвото на Ацо Шопов, 1993;
- освртот на Ефтим Проевски, „Тивкиот лирски музаичар“, објавен во Остен, на 18.12.1993, стр. 4.