Ацо Шопов: „Очи“ ⎼ мојата најдобра песна*

Секоја средба со поетот Ацо Шопов е интересна и помалку возбудлива, особено кога за предмет на разговорот се земе поезијата, онаа волшебница што го егзалтира неговиот лирски дух до вивнување, до коленичење пред небиднината, што го разобличува неговиот сензибилитет на сите четири страни од светот, и која сепак, на крајот од тој неодмерлив пат се враќа во кругот на секодневијата. А кога станува збор за поезијата родена и создадена како ослободување од она што се носи како длабока, неизбришлива трага на доживеаното во крвавите судири со непријателските единици, во виорот на налетите и распрчканите парчиња гранати, тогаш доживувањата добиваат друг тек − тогаш веќе почнува да зборува песната: и како потреба за себеоткривање, и како долг кон доживеаниот растеж.

Овојпат го замоливме поетот од своето богато творештво посветено на НОБ да ја издвои својата најубава песна инспирирана од оваа тема, да ги запознае нашите читатели со нејзиното раѓање. Иако изборот на најдобра песна од страна на авторот е тешка и помалку неблагородна работа за еден автор. Ацо Шопов, беше еднодушен во својот избор:

− Една од моите најдраги, ако не и највредна, е песната „Очи“. Идејата за оваа песна е родена во текот на Народноослободителната борба, иако е таа напишана непосредно по завршувањето на војната во Белград, некаде во текот на ноември − декември 1944 година. Песната е сврзана за името на народниот херој Вера Јоциќ, која загина за време на Мајската офанзива, и всушност, „Очи“ ѝ е посветена, иако преку таа песна јас сум настојувал една моја тогашна претстава за ликот на жената − борец да го искажам на поетски начин. Beра Јоциќ беше ранета на Осоговските планини во разбивањето на непријателските обрачи, во јуришите. По три дена, како што се вели и во песната, носење на раце, таа умре во селото Саса…

Како денес, по дваесет и две години од нејзиното создавање, ја доживувате оваа песна? − беше нашето следно прашање.

− По ова прилично долго време, повеќе од две децении, оваа песна исто ми е драга, блиска, несомнено една од моите најсакани песни. Кога би седнал сега да пишувам врз еден ист таков мотив, најверојатно би го предал пак на ист начин. Можеби моите искуства би придонеле за еден поинаков поетски пристап. Но и без тоа, песната „Очи“ ја сметам за една од моите најубави песни. Денес, кога би се зафатил за нејзина преработка, и во пристапот и во фактурата, па и во изразот таа би претрпела бездруго промени, затоа што искуството што го имам не би ми дозволило да пишувам на таков начин по кој сум ја напишал пред дваесет и две години. Песната би ја променил и покрај тоа што не сум сигурен дека ќе успеам да го доловам она чувство на непосредно доживување, на она што сакам да го предадам, кои нешта ги сметам за извесен квалитет на таа песна.

Оваа година е јубилејна во одбележувањето на Народната Револуција. Што сметате дека е битно во транспонирањето на Револуцијата на уметнички план?

− Непобитен факт е дека темите на Револуцијата со некаква магнетска сила сѐ повеќе го свртуваат вниманието на нашата литература. При еден поглед врз нашата литературна продукција ќе видиме дека таа сè повеќе се свртува кон нашето поблиско или подалечно минато. Јас мислам дека е нормално, затоа што во такви услови се најде и нашата литература. Ние немавме така големи уметнички сили, сета непосредност на Револуцијата да ја предадеме на вистински уметнички план, како што тоа го имаа другите југословенски литератури, да речеме со името на Иван Горан Ковачиќ и неговата „Јама“ и слично. Подоцна, со зреењето на самите творци и самата литература, природно − темите од Револуцијата го насадуваа просторот на нашата литература и во прозата и во поезијата. Во тој поглед, нашата литература денес бележи и значајни достигнувања.
_____________
* Разговор Сталин Лозановски, објавен во Млад Борец, Скопје, 06.11.1966, стр. 15, со наднаслов: „Поетите ги избираат своите најдобри песни” инспирирани од НОБ.

Други разговори и статии на Ацо Шопов