This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

Ацо Шопов: Ако постои поетски фатализам, тогаш јас сум еден од неговите најголеми поклоници*

Другар Шопов, на нашата јавност и е познато дека како писател се занимавате исклучиво со поезија. Нè интересира дали некогаш сте почувствувале потреба да се изразите, да се искажете на некој друг начин?

Не знам дали ќе успеам да дадам краток, прецизен и задоволителен одговор на ова Ваше прашање. Ако постои поетски фатализам, тогаш јас сум еден од неговите најголми поклоници. Љубовта кон поезијата ѝ ја должам пред сè на мојата мајка, на нејзината мала тетратка песни, на нејзиниот неостварен талент, на нејзината трепетлива потреба да остане латентен поет дури и во невозможни услови. Тоа беше одлучувачко. Останатото е случај. Поезијата е младост на убавината, копнеж по неа, право на неа, илузија.

Понекогаш помислувам дека има безброј други начини на самооткривање, но оставете ме со оваа илузија, бидејќи тие помисли се без потврда.

Зад вас се неколку збирки поезија. Вашите први стихови се поврзани за борбата на македонскиот, одсносно на сите наши народи за ослободување и, сигурно е, дека тие ги имаат своите зачетоци во деновите на борбата. Кажете ни нешто, Ве молиме, за реалните, со голо око невидливи побуди кои во тоа време или подоцна ги намамиле тие Ваши стихови?

Моите први стихови се родија како спонтан протест против една реалност во која живеев, која непосредно ме опкружуваше. Во почетокот темни и полни со мачни чувства, тие подоцна, под идејното влијание на напредните општествени сили, добиваат сѐ поодредена смисла. Во тоа, пресудна улога одигра моето краткотрајно познанство со еден човек со голема книжевна култура, кој како студент во Белград имал можност да биде во центарот на сите случувања. Тој човек беше Ванчо Прке.

Првите контакти со делата на македонските писатели од минатиот и почетокот на овој век го поттикнаа мојот стремеж и го поткрепија моето убедување дека треба своите поетски обиди да ги правам на македонски јазик. Желбата да се проговори на јазикот на својот роден крај, на јазикот на својот народ му се придружи на моето ново сфаќање на човечкото постоење. Тоа беше во 1941 година.

Што мислите: до која мерка поетот може да го користи културното наследство на својот народ? Кажете ни како тоа изгледа во современата македонска книжевност?

Мислам дека суштината е во начинот на користењето на културното наследтсво. Од него зависи одговорот на прашањето дали делото на еден поет претставува понатамошно збогатување и развивање на една култура во нејзините содржински и изразни облици. Се разбира, на тоа дело не можат да му се поставуваат некои тесни или широки регионални граници, зашто културата е општочовечка, но како таква, таа може поцелосно да се изрази само доколу нејзините творци посестрано ги согледуваат проблемите и барањата на своето време.

Во делото на поетот Кочо Рацин, јас наоѓам мноштвото прашања кои ги мачеле македонските поети од 19-от век, но овој поет, за разлика од претходните, умеел не само поинаку поетски да ги обликува, туку и да им даде најадекватно решение.

Интересни се, исто така, и обидите на некои современи македонски поети да го искористат ткивото  со кое е проткаена  македонската песна како материјал за создавање на сопствена модерна визија за светот.

Другар Шопов, Вие сте и директор на издавачкото претпријатие Кочо Рацин во Скопје, најголемото книгоиздателство во Македонија. Веројатно сте запознати со многу проблеми од издавачката и преведувачката област. Сметате ли дека е доволно направено за взаемното запознавање и ширење на југословенската литература од различните јазични подрачја?

Сум имал повеќепати можност јавно да се искажам  по ова прашање.

Нормално би било секој, првенствено секој културен работник, да ја следи литературата на друго југословенско јазично подрачје, како и на своето – во оригинал. Зарем не е малку парадоксално што многумина од нас ја следат изворно француската, англиската, италјанската, или германската литература, а до словенечката или македонската доаѓаат преку преводи.

Но овој проблем е многу посложен отколку што изгледа на прв поглед. Затоа како одговор на ова Ваше прашање би можел да го речам следново: Имам впечаток дека се работи за импозантен број на преведени автори од еден на друг југословенски јазик. Погледнете ги само каталозите на изданијата на сите наши издавачки куќи па ќе се уверите дека овој впечаток не е погрешен. Многу дела од македонските писатели се преведени на српскохрватски и словенечки, многу словенечки и српскохрватски, на македонски јазик. Потребите на сите нашите училишни установи, од најниските до највисоките, диктираа и соодветно темпо на преведување. Мочеви набројувањето на тие дела во овој момент не е потребно, но со задоволство мозам да истакнам дека речиси сите врвни достигнувања станаа сопственост на нашиот народ. Се разбира дека во оваа област сме наидувале и сè уште наидуваме на проблеми и потешкотии. Ми се чини дека најважното прашање е прашањето на критериумот. Тука има ушто многу што да се стори.

Што уште треба да се направи?

Голема е одговорноста на издавачките куќи, кога станува збор за критериумот. На тоа поле сè уште не е расчистено прашањето што од одделните современи национални литератури треба да се преведува. Се случува да се објавуваат помалку вредни уметнички дела кои не ја репрезентираат најдобро дотичната национална литература. Сметам дека, сепак, најправилна е онаа ориентација која упатува на преведување на врвни остварувања, на дела кои претставуваат несомнена вредност и како такви стануваат заедничка сопственост на сите југословенски народи.

(Вие сте и писател на интимата, на интимните човечки расположенија. Прочитајте една од тие песни за нашите слушатели. /На македонски./)

(A сега Ве молиме истите стихови да ни ги прочитате на српскохрватски.)

Неодамна по повод денот на востанието на македонскиот народ ја добивте наградата за препев на Хамлет од Шекспир. Високо е оценет и препевот на Сирано де Бержерак на Ростан. Тоа се, колку што ни е познато, и првите препеви на овие дела на македонски. Бидејќи не сте имале пример на Вашето јазично подрачје, би било интересно да ни каќете какви напори вложивте за да дојдете до овој резултат?

По неколку помали преводи од југословенските и странски литератури, се решив да ги преведам и овие дела, сметајќи дека македонскиот книжевен јазик е зрел за да може на него да се адаптираат текстови со висока уметнича вредност. Како што рековте, тоа се први преводи на овој јазик и јас морав да ја почувствувам горчината и задоволството на тој факт.

Не беше секогаш едноставно и лесно да се најдат соодветни изрази за многубројни субтилни интелектуални и емотивни состојби, а да не зборувам за нивното поврзување во една таква хармонична целина која најмногу би му одговарала на духот на оригиналот. Многу изрази морав да ги откривам во македонскиот јазик а некои и да ги создавам врз основа на неговите правила. Но, сепак, главните препреки ми беа оние кои произлегуваат од самата природа на преведувањето. Како да се побегне од својот и да се влезе во туѓиот уметнички свет, како да се втисне сопствениот здив во преводот, а сепак да се остане верен на авторовото дело? Тие и многу други слични прашања ме мачеа мене, како и сите преведувачи.

(Расположен ли сте да ни прочитате еден нсерт од вашиот препев на Хамлет. На пример неговиот прочуен монолог.)

(И уште нешто би сакале да слушнеме од Вас, другар Шопов. Некоја од Вашите најнови песни – некоја шото сè уште никаде не сте ја објавиле.)
_________________________
* Македонски превод, од Јасмина Шопова, на интервју за литературната редакција на Радио Телевизија Белград. Крај на 1960 год. Машинописот се наоѓа во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К3 АЕ93

Други разговори и статии на Ацо Шопов