Ацо Шопов за „пулскиот случај“: Виновен е „Вардар филм“!*

Претседателот на жирито во пулската арена за годинашната југословенска филмска манифестација, елиминирањето на двата македонски филма и за една состојба на меѓусебните творечки односи кај нас…

Деновиве во Скопје се врати претседателот на пулското жири, Ацо Шопов. Тој за нашите читатели одговори на неколку прашања во врска со последната филмска манифестација во Пула, каде што од Македонија учествуваше филмот Македонска крвава свадба на режисерот Трајче Попов, во продукција на „Вардар-филм“.

Каков впечаток носите од филмските вечери во пулската Арена каде што претставникот на „Вардар-филм“ Македонска крвава свадба, и покрај низата познати реагирања, освои награда за сценографија?

За петнаесеттиот фестивал на југословенскиот игран филм постојат мошне противречни мислења и искажувања, од оние што сметаат дека е слаб, до такви кои сметаат дека е достојна презентација на југословенскиот филм и достигнувањата. Мое лично мислење е дека годинашната Пула всушност и меѓу другото е манифестација и на оние барања и достигнувања, оние патишта по кои досега одела југословенската кинематографија. Имав впечаток дека во Арената беа прикажени и такви филмови кои можат спокојно да влезат во натпревар со достигнувањето на другите народи на Европа и светот. Таков е на пример филмот на Павловиќ, Кога ќе бидам мртов и бел, а такви се и некои други филмови, наградени од официјалното жири, како и од другите жирија што беа присутни во Пула.

Втора карактеристика е тоа дека презентираната продукција беше прилично уедначена и таа му создаде големи тешкотии на жирито, со оглед на тоа дека само 15 филмови требаше да бидат пуштени во Арената. Оваа состојба придонесе некои филмови, по мое мислење, да бидат онеправдани. Посебно би сакал да го истакнам фактот дека Македонска крвава свадба, во една силна конкуренција, односно во мнозинство на филмови со одлична сценографија, излезе победник на овој план.

Се јавија прилично остри реагирања и забелешки во врска со елиминирањето на македонските филмови Мементо и Планината на гневот. Зошто токму Македонска крвава свадба дојде до официјална конкуренција?

Расположението на мнозинството членови во жирито беше во официјалната конкуренција да влезе само Македонска крвава свадба, како едно достигнување, навистина не многу амбициозно, но она што во него е сторено, направено е доста чисто и коректно.

Какво мислење имаше жирито чиј претседател бевте вие за другите два филма на продуцентската куќа од Скопје кои, впрочем, отпаднаа?

Во филмот Планината на гневот на режисерот Љубиша Георгиевски сите членови на жирито, освен мене, не најдоа други квалитети со исклучок на неговата амбиција. Имено, категорички сметаат дека овој филм е мешаница од разни стилови (натурализам, симболизам и друго) односно од она што авторот имал можност да го види и дека во филмот има многу малку индивидуален творечки напор на режисерот. Јас не го делев ова мислење на членовите на жирито и кога по долго убедување се пристапи кон гласање, останав сосем сам. За филмот Мементо на Димитрие Османли оценката на членовите на жирито беше уште понегативна.

Македонска крвава свадба во Пула мина мошне солидно, па сепак ако Вардар-филм сакал да настапи со некое друго остварување, според Вас, како требало да постапи?

Како што ни е познато, околу Македонска крвава свадба имаше големи реагирања и во извесни наши културни средини, а ми се чини најмногу во продукцентската куќа Вардар-филм во Скопје. Имено, луѓето од оваа куќа сметаа, а тоа и јавно го искажаа преку печатот, дека Македонска крвава свадба е најнесреќното претставување на сегашниот миг во македонскиот филм. Дури, помислуваа и на тоа да се повлечат од годинашната Пула. Најблаго речено, мене ме изненадија! Не можев да сфатам зошто еден продуцент јавно се откажува од еден свој филм, кога со уште два други го испраќа рамноправно да конкурира во Пула!? Размислувајќи околу ова прашање, дојдов до уверување дека основната вина за сѐ ова што се случи со македонскиот филм во Пула ја носи продуцентската куќа Вардар-филм од Скопје.

Таа требало благовремено да изврши селекција и да го прати во Пула оној филм или оние филмови што ги смета за носители на најновите тенденции во нашата кинематографија и несомнени уметнички достигнувања. Доколку Вардар-филм не бил задоволен од Македонска крвава свадба, и го сметал овој филм за подпросечен, тогаш не требало да го пријавува во официјална конкуренција.

Какво е Вашето мислење за Македонска крвава свадба?

Во овој филм режисерот не го искористил како можност она што го дава сценариото на Славко Јаневски.

Но тоа не значи дека, според вас, овој филм не бил за Пула?

Мислам дека освен овој филм, требаше во официјална конкуренција да влезе и Планината на гневот на Љубиша Георгиевски.

А што мислите за забелешката на луѓето од продуцентската куќа Вардар-филм дека Македонска крвава свадба нѐ претставува како земја на фолклор, егзотика и слично?

Сѐ зависи од тоа како се користи фолклорот за уметничко пресоздавање на некој историски или друг настан. Ако фрлиме еден поглед врз современата наша уметност, посебно во поезијата и прозата, ние без друго ќе дојдеме до констатација дека тие во фолклорот, во нашето минато, бараат мотиви за инспирација. Но уметничките резултати до кои се доаѓа немаат никаква буквална врска со она што е фолклор во нашата обична секојдневна претстава. Мислам дека тоа е основното прашање и во Македонска крвава свадба. Ако продуцентската куќа Вардар-филм сметала и смета дека фолклорот не може да нѐ претставува ни во Југославија, ни во светот, тогаш, за мене се поставува прашањето зошто фрла огромни финансиски средства за реализање на вакви филмови?

Во отвореното писмо на режисерите Османли, Попов и Георгиевски бевте апострофирани како претседател на жирито…

Мислам дека отвореното писмо на тројцата скопски режисери е сведоштво за една посебна состојба на меѓучовечките творечки односи кај нас. Колку и да ми е тешко да го речам ова, не можам да се отргнам од впечатокот дека отвореното писмо на скопските режисери е резултат на однапред исплетените интриги околу продукцијата на Вардар-филм.
_______________________
* Интервју објавено во Нова Македонија, на 07.08.1968, стр. 4. Разговорот го водел В. Андоновски.
Прочитајте го исто така интервјуто објавено во Политика, на 11.08.1968, „Вистинско творештво и пресметани ефекти што пречат…”.
_______________________
Други разговори и статии на Ацо Шопов