Ацо Шопов: Поетот е постојано во потрага по зборот*

„Потрагата по зборот е императив пред поетот да се зближи со своето време”,
разговор со Шопов по повод неговата најнова стихозбирка Песна на црната жена

Развојната творечка линија на поетот Ацо Шопов, започната во годините на војната, остави впечатливи траги во тековите на нашата повоена поезија. Станува збор за поет кој веќе неколку децении дава стихувани докази за едно богато и специфично поетско искуство кое на македонската поезија ѝ подари трајни вредности. Неговите стихозбирки Песни, На Грамос, Со наши раце, Стихотви за маката и радоста, Слеј се со тишината, Ветрот носи убаво време, Небиднина и Гледач во пепелта, се илустративен показател за една од најизразитите поетски индивидуалноси кај нас. Резултат на постојано нагорната развојна линија на поетокото творештво на Шопов е неговата нова книга Песна на црната жена со мотиви од Африка, кадешто авторот престојуваше последниве неколку години. Ова најново поетско остварување, што го објавува скопска „Мисла“ беше повод за нашиов разговор со поетот Ацо Шопов.

Сигурно за Африка отпатувавте со една одредена претстава за овој црн континент. Какви се Вашите сегашни впечатоци за Африка или поточно, што е она што го збогати Вашето поетско сознание и што е она што Ве поттикна да ја напишете оваа поетска книга?

Во Црна Африка отпатував со многу заблуди и површни претстави за овој дел на светот. Неколкугодишниот престој на овој континент битно го збогати моето сознание за историјата, судбината, сегашниот живот и проблемите со кои се борат и ги решаваат народите на црниот свет. Човек не може рамнодушно да помине преку фактот дека своевремено од Црна Африка биле транспортирани како робови неколку стотици милиони Црнци за чија судбина и ден-денес постојат живи траги и сеќавања. Местата од кои се вршеле овие транспортирања стануваат светилишта на народите на Црна Африка и тие ги посетуваат не само подлабоко да проникнат во својата историја, туку и да го осмислат своето сегашно постоење и својата иднина без робувања и потчинетост.

Во песната „Штип и Жоал“ покрај другото пишувате: „Колку е светот мал“ и „исти љубови (исти бранувања и исти поетски маки и сонувања“. Колку географските светови влијаат во создавањето на поетските светови?

Географските светови ги прошируваат поетските светови со своите специфичности и особености и ја збогатуваат поетската мисла со нови сознанија и искуства. Поетското кажување, како во случајов на Црна Африка, може да стане пораскошно, би рекол поепско и попространо, соодветно на географските простори и настаните што се случуваат на тие простори.

Но поетот ќе открие на крајот на краиштата дека зад баобабот, дабот, брезата или било кој друг вид на национален или регионален симбол, всушност се крие човекот, со неговата историска судбина и посебности, но сепак, насекаде човекот е човек, без разлика на расната припадност. 3апознавајќи ги другите со сите нивни посебности и особености, човекот полесно и побргу се запознава себеси и својата татковина.

Во еден разговор изјавивте дека Вашите собрани дела заокружуваат една фаза од Вашето творештво и дека сега се наоѓате на почетокот на друга фаза. Дали Песна на црната жена всушност е почетокот за кој стануваше збор?

Не би можел да речам дека Песна на црната жена означува почеток на една нова фаза во моето творештво. Без оглед на мотивските разлики и географската оддалеченост на инспирацијата во оваа моја најнова збирка, мислам дека таа се вградува во моите поетски преокупации започнати со Небиднина и Гледач во пепелта.

Од колективното чувство на занесот што ја карактеризираше Вашата социјално-патриотска лирика, преку интимните мотиви, Вашите поетски интересирања навлегоа во сферата на длабокото рефлексивно доживување. Како ги објаснувате овие пресвртници и етапи во Вашето творештво?

Точно е дека мојата поезија ја карактеризираат одликите што Вие ги пocoчивте. Мојата поезија се роди во виорот на војната, во деновите на обновата, таа се раѓа во денешното живеење, па нормално е што таа го одразува и изразува времето во кое настанала. Наоѓам дека и во песните со колективистички карактер и во песните со интимни мотиви, рефлексивното доживување е присутно, иако тоа станува доминантен белег во мојата последна творечка фаза. Изразити и суштински преломи во мојата поезија не постојат. Постојат пресвртници и етапи кои една со друга се надраснуваат и го одразуваат моето поетско созревање. Во тоа поетско созревање останував верен на себе си, така што внимателниот читател може лесно да се увери за кој поeт станува збор, ако чита песна од било која етапа и со каков и да е уметнички дострел. Мојата поетска природа останува иста во сите видоизменувања и поетски преобразби. А патриотското чувство карактеристично за песните „Очи“, „На Грамос“, „Љубов“ и други, со посилен интензитет може да се открие во „Долго доаѓање на огнот“, „Август“, „Настан на езерскиот брег“ или во некоја друга песна од најновиот творечки период. За песната „Август“ познатиот француски издавач и поет Пјер Сегерс вели дека е тоа песна „што ги буди мирисите, неисцрпните сокови на својата земја“, дека „Август“ не е песна за НОБ, партизанска песна раширена низ неговата земја. Таа е песна на земјата во која војувале партизани“.

Често, па понекогаш и непотребно зборуваме за фази, периоди, преломи… Всушност, нели Ви се чини дека поетот постојано е во потрага по оној „обичен“, секогаш уште „непронајден збор“, „збор на раѓање“?

Поетот е постојано во потрага по зборот. Зборот мора да соодветствува со рефлексијата на поетот, тој мора да го одрази она што го чувствува поетот. Ако не се најде тој „обичен“ збор, „збор на раѓање“, тогаш не може да се воспостави контакт со читателот. Но, „обичниот“ збор не може да се пронајде еднаш за секогаш. Поетот ќе го најде, ќе го употреби, потоа зборот ќе се изгуби и повторно ќe се роди во еден нов вид. Таа потрага по зборот е императив пред поетот да се зближи со своето време. Оттука искрснуваат сите тешкотии и сите убавини на поетското творење.

Што откако ќе се напише песната, што после сите тие тешкотии и сите тие убавини на поетското творење? Се сложувате ли со констатацијата дека секој збор на поетот за веќе напишаната песна е одповеќе?

Сè што има да каже поетот го кажува во песната. Сè друго им припаѓа на критичарите, теоретичарите и историчарите на литературата.
________________
* Разговорот го води Веле Смилевски, Нова Македонија, Културен живот, 16.05.1976, стр. 9. Фрагмент од одговорите на Шопов постои во ракопис во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К3 АЕ59

Други разговори и статии на Ацо Шопов