This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

Ацо Шопов: Поетот треба да ги разбуди зборовите*

Станува збор за зборот, за неговата секогаш објаснувана и никогаш необјаснета моќ за миг да ни ја подотвори вратата на еден свет на чудна убавина и ред, а потоа, речиси во исто време, да нè врати назад во животот кој привидно тече по неговиот хаотичен тек. Во тој миг, како во грозоморен вител, што има вкус на змијогрозд во устата и наликува на апеж  во крвта, сите нешта се собираат и сите исчезнуваат.

Поетот е во песната како во студена пештера, како во непрегледна шума каде што, наместо дрвја, лежат огромни, расфрлани и скаменети зборови. Тој е оној што треба да ги спаси од смртта, да ги разбуди од скаменетиот сон, да ја оживее шумата, за да почне дрвјето да оди. Често тој успева во тоа, а можеби уште почесто стои во неа, во таа шума, збунет и беспомошен, попусто повикувајќи ги да му помогнат во очајот поранешните поетски искуства. Попусто, зашто секоја песна е едно посебно откритие, едно посебно поетско сознание што не може да се повтори ако е веќе еднаш доловено.

И така од песна во песна. Штотуку ќе се затвори еден круг, треба да се отвори нов. И секогаш едно исто проклето прашање: како?
________________
* Текстот е објавен во Књижевне новине, Београд, 1 март 1969, бр. 348, стр. 9.
На истата страница се наоѓа и песната „Грозомор” во препев на Сретен Перовиќ, како и написите „Отворена песна”, од Александар Ристовиќ, „Кон прабитието на песната”, од Миодраг Друговац и „Симбол на нашиот свет”, од Миланка Илиќ, студентка по стоматолигија.

Оригиналниoт машинопис се наоѓа во Фондот Ацо Шопов во Архивот МАНУ: АШ К3 АЕ92   

Други разговори и статии на Ацо Шопов