Ацо Шопов: Нашата литература и култура ce историски факт*

Најпрво, другар Шопов запознајте ги нашите читатели со Координациониот одбор на Сојузот на писателите на Југославија, со неговите задачи и цели?

Со новиот Статут на Сојузот на писателите на Југославија во 1965 година е формиран Координационен одбор. Со новиот статут улогата на републичките здруженија на писателите знатно се менува. Целата компетенција е децентрализирана на друштвата чија улога знатно порасна и тие во својата работа станаа посамостојни во решавањето на позначајни не само сталешки, туку и други прашања од работата на писателската организација. Практиката недвосмислено зборува за корисноста од овој нов начин на работа. Еве кај нас, особено се чувствува знатно понепосредна и покординирана врска на Друштвото на писателите со други друштва, а и индивидуалните контакти меѓу писателите се зголемија. Координациониот одбор има функција да ја координира работата меѓу друштвата и да ја усогласува како на внатрешен (да развива меѓурепубличка соработка), така и на надворешен план − да го претставува Сојузот на писателите на Југославија во странство.

Бидејќи подолго време работите во овој одбор, кажете ни го вашиот впечаток и мислење за неговата работа?

Јас лично сум сосема задоволен од начинот на работата на Координациониот одбор. Имам впечаток дека често состаноците не се добро организирани и осмислени. Често на дневен ред се поставуваат прашања од такво значење за кои најмногу би требало да станува збор во друштвата, или пак за кои треба да се изјаснуваат претставници на друштвата кои се најзапознаени и најповикани. Овие проблеми се согледани и за нив стана збор и на последниот состанок во Сплит. Покрај тоа на овој состанок беше донесен заклучок да се покрене Билтен на Координациониот одбор во кој ќе бидат презентирани позначајните активности на друштвата.

На последниот состанок во Сплит беше разгледувано и прашањето за односот на Сојузот на бугарските писатели кон македонскиот јазик. Каков е ставот на Координациониот одбор по ова прашање?

Координациониот одбор одговори на последното писмо на Сојузот на бугарските писатели. Во одговорот е нагласено дека Сојузот на писателите на Југославија ја почитува спремноста на Сојузот на бугарските писатели за понатамошна соработка меѓу двата сојузи, ја смета за нужна и корисна, меѓутоа тој смета дека не е даден одговор на страна на Сојузот на бугарските писатели на она прашање што фрли сенка во односите меѓу двата сојуза и што ги помати тие односи.

А какво е вашето мислење по однос на ова прашање, по однос на ставот на бугарските писатели кон македонскиот јазик?

Во однос на бугарскиот став кон нашиот литературен јазик, нација, култура и минато, мислам, а тоа е општо познат факт, дека е тоа историска наследност која не може брзо и лесно да се премавне. Но, сепак, без оглед на сета тежина и сериозност на проблемот дека ние како литература, како култура, немаме многу причини за пренагласено возбудување.

Нашата литература и култура − тоа е еден историски факт − станува сѐ повеќе евидентен показател не само за нас, туку и за светот околу нас. Ние сме сведоци и учесници на низа меѓународни средби и манифестации што се одржувале и одржуваат во нашата Република или надвор од Републиката и во другите земји во кои афирмацијата на нашата литература и култура сѐ повеќе доаѓа до израз.

Тука може да се спомне средбата на научните работници по повод 1050 годишнината од смртта на Климент Охридски во Охрид, потоа Струшките вечери на поезијата и низа други средби на научници во Републиката. За секој што сака објективно и непристрасно да гледа на нештата, нашата литература и култура ги има сите оние белези на национална литература и култура што ги среќаваме кај другите национални литератури и култури. Тоа за мене е најбитното во сета оваа ситуација.

Па сепак, можете ли да го согледате излезот од овие, во секој случај непријатни, односи?

Лично сметам дека преку извесни контакти кои ќе бидат ослободени од навредливи и априористички ставови, постепено ќе можат да се нормализираат тие односи и да се воспостави соработка на поинаква основа, во духот на заемно разбирање и почитување.

Деновиве нашата јавност имаше можност да се запознае со уште една немила појава во однос на „јазичните почитувања“ во рамките на Југославија. Какво е вашето мислење за оваа појава и по однос на донесените акти?

Јас не знам дали би имал да речам нешто повеќе од она што е веќе кажано во печатот и што ѝ е познато на нашата јавност. И Декларацијата и „Предлогот за размислување“ не можат да бидат прифатени како пат за решавање на оние прашања што се од заеднички интерес на сета наша заедница. Национализмот и шовинизмот во кои всушност се коренат овие два документи мора да бидат осудени, а тоа впрочем веќе е и сторено.

Кажете ни ги, на крај, напорите на Координациониот одбор за практично решавање на рамноправноста на јазиците и напорите за афирмирање на уметничките вредности, конкретно на нашиот македонски јазик?

Списанието Мост што го издава Координациониот одбор еден број ѝ посвети на македонската поезија. Тоа наиде на добар прием не само кај нас, туку и во странство. Тој избор, колку што мене ми е познато, веќе е преведен во Романија.

Но, целата акција за афирмација на нашата литература треба главно да започне од друштвата. Сметам дека според своите вредности нашата литература е доволно афирмирана не само во Југославија туку и во светот. Мене не ми е познат пример на друга литература за толку кратко време да дојде до полна афирмација и да добие така масовни признанија како што е случајот со нашата.

Имам впечаток дека тој интерес за нашата литература сѐ повеќе расте и дека е сѐ поголем кругот на оние луѓе чие внимание сѐ повеќе се свртува кон неа.

Јас дури имам впечаток, и тоа го чувствувам како проблем, дека ние не сме направиле достатно напори современите странски литератури преку наши преводи или препеви да му ги презентираме на македонскиот читател.

Постојат многубројни изворни поети и прозни писатели во соседните и другите европски земји кои имаат големо реноме а кои нашата јавност преку нивните дела не ги познава. Мислам дека е наш долг да го сториме тоа, односно преку одредени избори да ѝ ги претставиме на нашата јавност. Зашто афирмацијата на нашата литература не ја гледам само од страна на нејзиниот продор во светот, туку и како потреба она што е сегашен миг во литературата на другите народи и нам да ни стане познато и достапно. Во таа културна комуникација јас не би одел на некаков реципроцитет, на што доста често се инсистира во нашите кругови.
____________________
* Интервју објавено во Млад борец, на 05.04.1967, стр. 12. Разговорот го водеше Сталин Лозановски

Други разговори и статии на Ацо Шопов