Ацо Шопов, по повод излегувањето на Одбраните дела*

По повод излегувањето од печат на Одбраните дела, вчера со академикот Ацо Шопов поведовме разговор при што му честитавме на излегувањето на неговите Одбрани дела.

Чувствувам особено задоволство, ни рече академикот Ацо Шопов, што моето враќање од Република Сенегал во Скопје се совпадна со излегувањето од печат на моите Одбрани дела. За ова мошне пријатно доживување, пред сѐ, му благодарам на книгоиздателството „Мисла“ кое покажа интересирање кон моето досегашно творештво.

Како југословенски амбасадор, вие престојувавте скоро пет години во Република Сенегал. Какви беа, во овој период, вашите контакти со современата југословенска, а посебно со македонската литература?

За жал, во изминативе пет години, од многу објективни причини не можев редовно да ги следам пројавите во нашата литература. Одвреме-навреме добивав по некоја нова книга од наши автори и тоа претставуваше големо задоволство за мене. Меѓу ретките книги што ги добив беше и стихозбирката Записи од Блаже Конески, а повремено го добивав и списанието Современост и некои од неделните броеви на Нова Македонија. Сега пред мене се наоѓа голем фонд од новоизлезени поетски, прозни и есеистички книги од македонски автори што бездруго ќе треба да ги прочитам за да можам повторно да воспоставам контакт со тековите на современата македонска литература.

На поетски план, што претставуваше за вас престојот во Сенегал?

Овој престој беше и мој прв допир со чудесниот африкански континент. Уште во првите моменти почувствував дека се наоѓам во еден свет и во едно поднебје сосем поинакво од претходното. На поетски план престојот во Сенегал ми овозможи да го запознаам делото на најголемиот современ поет на африканскиот континент, Леополд Седар Сенгор, чии стихови се мошне високо оценети и од целокупната светска литературна критика. Стиховите на Сенгор ми овозможија посистематски да навлезам во духовните сфери на африканскиот континент. Исто така, се запознав и со творештвото и на голем број други сенегалски автори.

Над што работите сега?

Подготвувам нова книга со стихови инспирирани од африканското поднебје [Песна на црната жена]. Книгата ќе содржи триесетина песни, а ќе ја издаде книгоиздателството „Мисла“.

Ацо Шопов, освен како поет, во нашата современа култура е присутен и како вонреден литературен преведувач. За својата преведувачка дејност на годишнава Четврта меѓународна средба на литературните преведувачи што се одржа деновиве во Тетово и Лешок, Ацо Шопов ја доби наградата на градот – домаќин за преведувачки опус. 

Оваа награда за преведувачки опус што ми ја додели градот Тетово, ни рече на крајот академикот Ацо Шопов, ме обврзува и во иднина упорно да работам во доменот на преводната литература.
__________________
* Ова интервју на Ташко Ширилов со Ацо Шопов е составен дел на написот „Средба со академикот Ацо Шопов: Стихови инспирирани од африканското поднебје”, објавен во Вечер, на 11.09.1975, стр. 9. Инсерти од написот се достапни на страницата Одбрани дела од Ацо Шопов, Скопје, Мисла, 1976.

Други разговори и статии на Ацо Шопов