This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian
Ацо Шопов, поетот за кого е врзана еволуцијата на македонскиот поетски израз*
Постојат многу причини за да се каже дека поетската биографија на Ацо Шопов е цврсто поврзана со првите моменти на современата македонска литература. Шопов се појави во време кога почна да се создава писмената македонска литература и кога Македонците добија книжевност на својот мајчин јазик. Овој нежен лиричар го помина патот што го поминаа и многу други поети од неговата генерација; од подражавање на македонската народна поезија, која за нив беше единствен вид поетско искуство на мајчиниот јазик, до изнаоѓање нови форми и облици кои го усовршуваа, развиваа и збогатуваа македонскиот поетски јазик исто како што и самите се збогатуваа со нови идеи и мисловни содржини. Денес, Ацо Шопов е еден од најистакнатите поети на југословенската средна генерација и поет за кој многумина во Македонија велат дека отишол најдалеку во усовршувањето на поетската форма.
Вие сте еден од пионерите на современата македонска поезија. Би било интересно да слушнеме од Вас нешто за деновите кога се раѓаше современата македонска литература?
Јас уште во гимназиски денови се заинтересирав за поезијата. Покрај училишните писатели, ги читав и современите хрватски и српски поети: Крлежа, Уевиќ, Дис, Десанка Максимовиќ. Се сеќавам како нè возбуди една книга што ни стигна од Загреб. Во тоа време македонскиот јазик не беше признат. Се сметаше, официјално, за нелитературен јазик, за дијалект на српскохравтскиот јазик.
Кога до нас дојде книгата Бели мугри од Кочо Рацин, тоа беше за сите нас во Штип голем настан. Книгата одеше од раце в раце. Ја читавме на скоевските излети; во тоа време СКОЈ користеше разни празници за да организира излети на кои се врешеше и политичка работа.
Другите искуства со македонскиот јазик ми доаѓаа од македонската народна поезија (првите песни објавени на штипските ѕидни весници беа на српскохрватски). На мене најмногу влијаеше и најмногу ме ме поттикнуваше да пишувам Ванчо Прке, организаторот на востанието во нашиот штипски крај. Тој самиот беше надарен поет.
Но сепак, војната е таа што за мене беше најсилното доживување и тогаш почнав да пишувам на македонски јазик. Мојата прва песна на македонски останата ми е до ден денес во саќавање, односно повеќе искуството што ме инспирираше отколу што самата песна.
Кое беше тоа искуство?
Кога Бугарите дојдоа во Штип, сите заробеници ги затворија во штали. Тие затворени и понижени луѓе страшно ме потресоа. Така настана песната „Анови“ која зборува за тоа искуство. За мене таа е значајна од повеќе причини: и како моја прва песна и како едно од најтрогателните искуства што ги доживеав во војната.
Во вашите песни создадени во војната среќаваме едно интензивно патриотско чувство и еден интимен тон. На некои места, личниот тон дури и преовладува. Како дојдовте до тој спој?
Од првите песни па сè до денес, јас бев и останав лиричар, во традиционална смисла на зборот. Војната претставуваше големо икушение и нормално беше во тоа време да пишувам повремено понекоја песна. Некои од нив беа прашање на мигот, но до некои други и ден денес држам. Особено ми се драги две песни: „Љубов“ и „Очи“. Обете се посветени на една жена која загина како партизанка. Тие спаѓаат во интимната лирика, исто онолку колку што спаѓаат во воената лирика.
Кај мене секогаш било така: надворешните искуства се прекршуваат во мене и добиваат една субјективна, лична проекција. Така беше за време на војната, така и по војната, кога сите ние, во едно револуционерно расположение и творечко одушевување често преку стихот, што не беше којзнае колку добар, и преку песната, што повеќе наликуваше на парола отколку на песна, го плаќавме данокот не своето време.
Но тука треба да се разграничат две работи: покрај тоа што пишувањето песни за младинската пруга, за изградбата и пробразбата на земјата, беше потреба на денот, сите ние, поетите, бевме навистина одушевени од сè што се случуваше во нашата земја. Тоа се одразува и во книгата што Славко Јаневски и јас ја објавивме заедно и која во целост им беше посветена на младинските бригади што ја градеа пругата изградбата на пругата Шамац-Сараево.
Дали книгата На Грaмос тематски претставува продолжение на вашата воена лирика?
Се разбира. И во таа книга, поврзана со борбата во Егејска Македонија, има многу од тоа што се создава во мигот и исчезнува за миг. Но, и тука, бев понесен од живо чувство на солидарност со моите сонародници, и сметам дека од некои песни од таа збирка, иако таа остана далеку зад мене, немам причини да се срамам. Особено, мислам на поемата „На Грамос“, по која го доби името и целата збирка. Има во таа песна делови во кои и денес не би посакал ништо да сменам.
Од народната поезија до дванаестерецот и александринецот, Вие поминавте прилично долг пат. Би можеле ли во неколку збора да ни ја прикажете својата поетска еволуција?
Како сите наши поети, кои почнаа, што би се рекло, сè од почеток, и јас поминав еден определен пат и еволуцијата на мојата поетска форма е повеќе од очигледна. Ѝ се обратив на народната поезија затоа што таа беше прв и единствен образец што можеше да ми послужи. Но, ослободувањето од тоа влијание дојде многу брзо. Мојот стих попримаше сè посовремена и помодерна фактура, за во мојата последна книга, Небиднина, да дојде до оние форми што денес ја карактеризираат мојата поезија. Тежнеам кон еден вид формално совршенство и сакам тоа формално совршенство да има и внатрешно содржинско оправдување.
Како одеа работите со содржинските промени?
Сè она што непосредно ме побудило, што на некој начин ме возбудило или трогнало, и што сум го преживеал на свој начин, стануваше предмет на мојата поезија. Со други зборови, во поезијата отсекогаш сум се изразувал во прво лице, дури и тогаш кога сум зборувал за другите. Секогаш сум се обидувал сето тоа да го обликувам во една субјективна слика на светот. Сите тие потраги и настојувања беа еден вид искушување на моќта на поетскиот збор. Ме интересираше во колкава мерка мојот збор е во состојба да изрази нешто повеќе за мојот живот, за моето поетско искуство.
Како нешто ќе ме обземеше, така ќе се обидев тоа во поезијата да го си објаснам на себеси и на другите, да го решам за себе и за другите. Во Небиднина се обидов да го решам проблемот на отуѓувањето. Отуѓувањето не како апстрактен поим, отуѓувањето не како психолошка категорија, туку она отуѓување кое би било поврзано со оваа почва и со овој регион. Притоа, на тоа расположение не сакав, ниту пак можев да му дадам регионален карактер.
Во исто време ден до денес ѝ останав верен на една преокупација: секогаш настојувам да му дадам израз на мојот патриотизам и да ја нагласам мојата цврста поврзаноста со ова наше тло.
Вашата поезија многу често реагирала на барањата на денот. Се сметате ли себеси за ангажиран поет?
За мене лично, според моето длабоко убедување, најсуштинско и најпотполно ангажирање е само она што произлегува од самата уметничка суштина и од вредноста на поетскиот збор. Поетот најдобро се ангажира во своето време со силата на својот уметнички збор и на своите естетски вредности. Ако тоа не постои, тогаш не може да стане збор за ангажираност на писателот како писател. За мене е сеедно дали писателот ќе успее да повлијае на еден човек и ќе го возбуди додека тој сам чита во својата соба или зборовите на поетот ќе возбудат стотици и стотици луѓе на некој поетски митинг. Ако делото има навистина уметничка вредност, тоа може, во даден момент, на одреден начин да влијае врз дневните настани. Но тоа може да влијае само со уметнички сретства и никакви други. Со еден збор, најангажирана е само правата уметност. Тоа е тоа што јас го мислам за ангажираноста и тоа е начинот на кој јас го сфаќам местото, улогата и задачата на писателот.
Во нашите прилично бурни полемики имаше писатели што сметаа дека е потребно да го објаснуваат своето дело и писатели што тоа не го правеа. Каков е вашиот став?
Пред сè, сметам дека постојат писатели што се во состојба да го бранат, објаснуваат и докажуваат своето дело и такви што не се. Кога пред неколку години се разви кај нас борба помеѓу реалистите и модернистите, писателот беше ставен во ситуација да се брани себеси и да го брани своето дело. Некои беа кадри за тоа, некои не. Мислам дека способноста да се брани своето дело претставува посебен вид дарба. Но исто така, ако делото има вредност, тоа когаш-тогаш ќе дојде до својата потполна афирмација. Немам обичај да спомнувам имиња, но нашите литературни искуства даваат примери и во двете насоки. Многумина што во тоа време беа не само напаѓани туку и игнирирани денес се признати. Иако самите, освен што напишале значајни дела, не сториле ништо за својата афирмација. Сè зависи од писателот, од моментот, од неговата психологија и темперамент.
______________
* Разговорот, што го водел Предраг Протиќ, е објавен во белградското списание Дуга, бр. 1008, 25.03.1965, стр. 16-17. Превод од српскохрватски: Јасмина Шопова.