Ацо Шопов: Што е инспирација?*

Честопати децата зборуваат за инспирација. Што е инспирација? Тренутно вдахновение или постојаната работа ја носи, или нешто што се наслутува или надоаѓа.**

Секој поет или творец запаѓа во одделни психофизички состојби кога го обземаат вистински творечки мисли, чувства и настроенија. Тогаш сето негово творечко и човешко битие, понесено од една плима на надојдени доживувања и рефлексии, плови по врвиците на непознатото и неоткриеното, го присилува да бара, да истражува и да ги изрази и соопшти своите нови творечки можности и простори. Во тој миг тој доживува едно чудно чувство на радост и страв, страв од авантурата што се упатил по врвиците на непознатото и радост од откривањето на нови изразни патишта на творештвото.

Таа посебна творечка состојба се вика поинаку инспирација.

Но поетот, творецот, не е птица на гранка и вдахновението не му паѓа од небо. Можат и да му се чинат спонтани, ненадејни, како да доаѓаат сами од себеси, миговите на инсцирацијата, од неговата творечка надареност и предодреденост.

Поетот, творецот, е плод на долга, упорна и стрплива работа. Во текот на таа работа тој се збогатува со искуство, творечки и животно ги проширува своите поетски сознанија и се надоврзува на искуствата на претходннте генерации. Само со таква работа и такви искуства се развива талентот и можат да се јават и се јавуваат мигови на инспирација, кога поетот го обзема посебна плима на настроение за творење и одење напред.

Поезијата го следи човекот од родување низ целиот живот. Со каква радост ја дочекува човек во живот?

Поезиjата е посебен вид на човековата духовна активност. Преку неа тоj создава една нова реалност што jа нема, но за која копнее и кон која се стреми.

Поезиjата во животот на човекот е пробив во нови повисоки духовни простори и патоказ како да му стане животот посовршен, пополн и посодржаен.

Ти си естетичар-поет. Раскажи нешто за естетската форма и облик на детето.

Секое дете на вроден, инстинктивен начин го изразува чувството за убавото. А кај оние за кои велиме дека се „чудо од дете” тоа чувство се граничи со генијалноста.

Оваа природна дарба и склоност кон убавото што ја носат децата од своето раѓање, треба да се негува, гаи и воспитува, за да израсне во свесен однос кон убавината, кога нивните детски гледања ќе им отстапат место на зрели творечки зафати и согледувања.

Природното, спонтаното гледање и доживување на тој начин прераснува во свесно, уметничко создавање кое е повеќе и помалку животот, заправо претставува создавање на една нова, уметничка стварност.

__________________
* Препис на машинопис (2 л.) кој се наоѓа во Фондот Ацо Шопов, во Архивот на Македонската академија на науките и уметностите: АШ К3 АЕ88. Архивската единица е насловена “Честопати децата…, интервју за школска емисија”. Шопов одговара на прашањата на др. Петар Тофовиќ (1920-1990), македонски неврохирург и професор на Медицинскит факултет во Скопје. Интервјуто е реализирано во 1976 година.

Други разговори и статии на Ацо Шопов