Ацо Шопов: Песната е еден вид на моето вистинско живеење*
Ако носиш нешто неизречено
Нешто што те притиска и пече
закопај го во длабока тишина
тишината сама ќе го рече
И ако постојат сомневања во говорливоста на тишината, и во неспокојството нејзино, ако постојат недоверчивост во силата на тишината да возбуди, вознемири, да покрене и подмами на размисла, ако тишина ја зоврива крвта, растреперува страста ако сме ја нашле таа чудна тишина, таа парадоксална, предизвикувачка, виулличава и немирна, ние ја препознаваме: тоа е и Шоповата тишина.
Поетска и човечка. Блага и Страсна. Благородна и тврда.
Овојпат доаѓаме во домот на поетот по еден голем повод. Кон редица признанија досега, се придружува и најголемото: наградата на АВНОЈ. Признание за велиот удел во збогатувањето на националната култура.
Доаѓаме со недоумица: откаде да го почнеме разговорот, а тој да не содржи само интересирање за поезијата. Зашто Шопов не е само поет, иако тоа превосходно е.
Во неговата биографија има датуми кои со песната не биле органски врзани, но на песната предано и служеле: партизанските денови живеат во песните сврзани со потврдата за едно велико време и еден натчовечки напор. Изгледа толку дамна, а во сеќавањето доаѓа толку блиску. И колку да ги оставаме назад тие години, во поетот откриваме подруга општествена природа: функции со здодевната администраторска должност до скоро директор на претпријатие; општествени ангажменти, креативни присутности со членување како еден од првите академици во Македонската академија на науките и уметностите, иден дипломатски претставник на земјата.
И без основниот мотив, поводи за дијалог постојат. Но, ако по него доаѓа по добивањето на оваа награда, ограничувањето само врз неа би значело − една вистина помалку за поетот.
Во неговиот дом, едноставен како неговата песна, пријатен како нејзината мелодиозност, дијалогот почнува вутри. Ја молам поетoвата сопруга за помош, таа се насмевнува и оставајќи нѐ сами, додава „Интервјуата не му се хоби, но ни разговорите тежина“.
Навидум лесно…
Песната е поводот, песната мора да биде почеток. Тогаш што е таа за почеток? Како доаѓа, како се јавува никулецот, низ кои патишта минува додека дојде до читателот?
Навидум, лесно прашање, почнува Шопов со блага насмевка. Всушност тоа е пракса на творечкиот темперамент. Целиот процес на создавањето на песната кај некои е во главата. Сите корекции измени, дополнувањa се одвиваат тука. Финалниот производ се става на хартија. Спаѓам во таа групa на творци. Други − откако ќе ја „фрлат“ на хартија потем со пишување, допишување, бришење ја обликуваат до крај. Некоја во творечката смисла, принципиелна разлика не постои. И едните и другите песната ја создаваат со размисла. Се случува првобитната идеја толку да се трансформира што финалниот продукт да не личи на неа. Во процесот на создавањето се раѓаат нови идеи кои битно влијаат во самиот процес на градењето. Песната, како и поезијата отсекогаш била и останала голема тајна. Во тоа ја гледам и сета предност на творештвото. Не постои клуч, формула според која се управуваат и раководат. Во самиот процес на создавање и се откриваат законитостите на творештвото и тие не можат да бидат применувани како калап, образец. Во таа смисла, песната е барање авантура и откритие. Ако се открие некоја општа формула за творењето − поезијата и творештвото би престанале да бидат тоа и би се претвориле во индустрија без никаква врска со поезијата. Убавината и дражта на поезијата е во неизвесноста, во авантурата во тоа што поетот никогаш не е однапред убеден што открива и како го открива тоа.
Песната е еден вид на моето, би рекол моето вистинско живеење. Не би можел своето постоење да го замислам без песната.
А како туѓата песна влијае врз вас? Каков е односот…
Убавите туѓи песни ме восхитуваат, колку и мојата за која чувството ми вели дека добро сум ја напишал, дека нешто кажува, соопштува. Туѓата песна понекогаш може и да ме поттикне во творечките напори, да ме охрабри во моите барања и настојувања и истрајноста во тие барања.
Ако песната облагородува − имате ли објаснување за отпорот спрема тоа облагодорување што го покажува денешниот нејзин консуматор. Зашто велиме − поезијата не се чита.
Неспогодби меѓу поезијата и читателите имало одамна. Тоа не е наш специјалитет. Ми се чини дека кај нас недостига еден таков критичарски [однос кон] поезијата што ќе може да им ги објасни идеите, мотивите на поезијата на читателите. Го чувствувам тоа како една празнина во таа критичарска активност кај нас зашто мислам дека таа премногу зборува за општи теми и проблеми врзани за поезијата, отколку да се занимава со некоја дејност да му го објасни на читателот она што го носи поезијата. Не сакам да ја обвинувам критиката, но сите ние го чувствуваме како проблем, особено со средношколската и другата младина која од самите нас бара објаснување на одредени симболи, метафори итн.
Велат сите прсти болат, сите деца еднакво се сакаат. Па, сепак − може ли да се одели песна, меѓу првата и последната што е посебно при срце, што е најдрага?
Ако сакам да бидам искрен, тоа е периодот од Гледач во пепелта кој го сметам за најзрел период во моето творештво. Посебна песна од збирката не би можел да одделам. Мислам дека сите песни ми се подеднакво драги, што не значи дека нема и други песни од други периоди. На пример „Очи“ – врзана е за друго време и живот. Можеби би можел да ја одделам „Долго доаѓање на огнот“. Во неа на некој начин сите мои искуства се дојдени до највисок дострел.
Направи антологија од само десет твои песни?
Непотценувајќи ги чувствата на афинитетот на антологичарите, мислам дека секој поет е најдобриот составувач на својата антологија, зашто тој има најдобар увид што е постојана вредност што е потфрлување. Па еве ги песните: „Долго доаѓање на огнот“, „Грозомор“, „Август“, „Црно Сонце“, „Има долу една крв“, „Гледач во пепелта“, Првата молитва на моето тело, Осмата молитва на моето тело, „Невреме“, „Очи“.
Набројувањето не одеше лесно. Не ја пренабрегнавме ни помошта на сопругата која во меѓувреме ни се придружи. Побарав нејзина антологија на сопруговата поезија. Таа полесно ќе ја направи − се насмевна Шопов, со право. Светлана имаше подруг избор: ,,Лузна“, „Во тишина“, „Лов на езеро“, Првата молитва, Осмата молитва, „Небиднина“, „Гледач во пепелта“, „Долго доаѓање на огнот“, „Ветрот носи убаво време“, „Грозомор“.
Ќе бидеш ли критичар на сопругината антологија?
Нејзиниот избор го почитувам можеби како пообјективен, зашто јас по природа на нештата, се ограничив претежно на најновите песни.
Време и простор
Минати се дваесетишест години од првата книга поезија на Шопов. Беше тоа во 1944 година, поетот уште на фронт, кога се појави од печат книгата Песни, − прва книга на македонски песни во сѐ уште недоослободената татковина. Какво е чувството спрема тој датум, спрема тој чин?
И за мене тоа беше големо изненадување. Зашто ја донесе една делегаци на српската младина на II конгрес на НОМСМ. Песните, без да знам јас, беа печатени и донесени како подарок на конгресот од српската младина. Ја примив со нормална човечка возбуда. Сега тоа за мене е подарок во мојата биографија.
Од биографијата: постојат ли три датуми од три периоди што не се забораваат, што значат траен спомен?
Првиот би бил 1943-тата, кога излегов во партизани, кога судбински се поврзав [со револуцијата и ги напишав] првите свои позначајни песни. Вториот датум е поврзан со моето врзување за препевот на поезијата, кога сфатив дека е тоа исто така оригинален чин како и творештвото. Тоа беше некаде во педесетите години [на дваесеттиот век]. Третиот датум − токму оваа година, кога целокупното мое творештво и сѐ она што сум го сторил на планот на препевот доживеаја една потврда со наградата на АВНОЈ и кога сум исправен пред дилемата за која пред малку говорев − како да се осмислат идните творечки напори.
Што значи оваа висока награда за тебе денес? Што, воопшто значат и наградите за творецот?
Морам да признаам дека оваа награда ја примив како признание и возбуда и човечка и творечка. За мене во моментов е поважна оваа творечка возбуда. Јас сѐ повеќе деновиве се враќам кон она што е зад мене, но не заради тоа да го видам неговото значење, туку повеќе да најдам осмислување за она што утре ме чека, за своето идно творештво. Така го примив и така го доживеав ова високо признание.
Во дваесетипетте години слободен живот си бил активен учесник. Која е најголемата национална добивка во овој не толку голем временски период за еден народ?
За мене тоа е големиот, невиден замав на творештвото во најшироката смисла на зборот, будењето на еден голем творечки потенцијал низ кој се манифестира и потврдува македонската национална свест.
Како поетот − општественик ја доживува денешна Југославија? Нејзините превирања, нејзините одмерувања и дилеми?
Денеска Југославија и она што се случува во неа го доживувам како и другите − како процес на натамошна афирмација на народите на Југославија, како афирмација на многунационална земја.
Полната рамноправност, тоа е полна афирмација на човекот, субјектот. Мислам дека всушност, денес напорите се свртени кон елиминирање на оттуѓеноста на човекот, човекот да стане субјект на сите движења во нашето општество. Тоа е многу сложен и компликуван процес и неизбежни се судирања и на гледиштата за натамошниот развиток. Сакаме да изградиме и градиме општество за кое нема модел во историјата. Општество во кое човекот ќе биде наполно слободен и ослободен од сите видови на неговото отуѓување. Убеден сум дека тој пат на афирмација на субјектот не може да биде во колизија со општите интереси, но може да доведе до поголема кохезија, до вистинско зближување на луѓето во земјата. За мене како творец е најбитно човекот да биде креатор на она што се случува во животот.
Денес можат да се слушнат, и тоа не ретко, мислења дека за културата општеството оделува малку. Каков е вашиот однос спрема ова?
За културата никогаш не е многу. Само − тоа не зависи од желбата и расположението туку од реалните можности. Императив на денот е нашата заедница да направи сѐ сите достигања на човечкиот дух да му бидат достапни преку неговиот мајчин јазик, а не од друга рака. Во таа смисла многу интензивно се размислува и ќе се преземат конкретни акции. Потребни се долгорочни осмислени акции на заедницата, да се изгради стратегија на афирмација, а не да се остави на случајот. Афирмација и наша, но и она што е светска духовна вредност кај нас.
Пред крајот на разговоров − нешто за денешниот миг на македонската култура?
Сегашниов миг на македонската култура се карактеризира со една многу поголема одговорност пред чинот на творештвото. Постои поголемо чувство на самокритичен однос пред тој чин. Но не значи дека не доаѓаат нови имиња, нови освежувања. Квантитетот не е секогаш мерило за вредностите: некогаш појавата на само неколку дела − две-три во една година − можe многу повеќе да значи од појавата на десетици други во претходните години. Сегашниот миг се карактеризира и со поинтензивни размислувања за потребата од конституирање на еден општокултурен фронт за афирмација на сопствените културни вредности и за прифаќање на сите творечки дострели до кои се извишил човечкиот дух денес во светот.
И уште едно необично, но не значи и оригинално прашање: многупати си водел дијалог. Останало ли непоставено прашање за кое одговорот си го имал? Ако расположението не те напуштило, те молам, соопшти ми го.
Одговорот го знам, но не знам да го формулирам како прашање. Јас својата поезија, или добар дел и особено онаа од најновиот период ја чувствувам како специфична синтеза, специфично доживување на љубовта, земјата и страста.
Со поетот разговорот го почнавме со песната. Ништо поубаво, ништо необично што заврши со − песната.
_________________
* Интервјуто е објавено под наслов „Заговорник на љубовта, земјата и страста” во Нова Македонија, 28-30.11.1970, стр. 9. Наднаслов: „Разговараме со добитниците на наградата АВНОЈ”. Разговорот го водел Цветан Станоевски.
** Откријте го поширокиот избор на Светлана Шопова, објавен во 1993 година, под наслов Долго доаѓање на огнот: Песните-живот.