This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

Ацо Шопов: Границите на слободата се граници на поетското творештво*

© RADIO-CANADA

Вашата поезија ја поврзуваат со народната поетска традиција. Колку е таа вкоренета и во вашите нови книги?

Не само мојата, туку и целата модерна македонска поезија, потекнува од народна поетска традиција. И не само мојата, туку и подоцнежните поетски генерации го учеа поетскиот говор од таа мошне богата народна поетска традиција.

На самиот почеток, јас бев под директно влијание на народната песна, бев буквално нејзин роб. Подоцна, колку повеќе растев како поет, толку повеќе се ослободував од тоа директно влијание и робување и станав она што сум денес, но длабоко чувствувам дека и мојата сегашна поезија е врзана со суптилни нишки за едно сознание и за еден тон на народната поезија, кој ѝ дава суштествен белег и ја прави автентична, самоникната и секогаш свежа и млада.

Така, последниве години во мене се раѓаше и се роди идејата за Небиднина, која сестрано е поврзана за судбината на мојот народ и неговото поетско творештво.

Така, моето поетско творештво постепно се ослободуваше од директното влијание на народната песна за на крај да се стопи со неа на едно повисоко творечко ниво.

Така станав поет на Небиднината, како што и сите други талентирани поети станувале пести на својата индивидуална посебност.

Познато е, другар Шопов, дека како наш амбасадор запознавте и други култури и поетски традиции. Дали тие Ви отворија нови хоризонти на сознанија и поетски откритија?

Мислам дека периодот од пет години е сосема доволен еден поет подобро да го запознае ритамот на животот и обичаите на еден регион во кој живее и кога ќе се сроди со нив поетски да го засака и да го опишува.

Оној кој еднаш го запознал и го почувствувал ритамот на Црна Африка, дивиот повик на саваната и прашумата, тој тешко може да се ослободи од тие таинствени шумови и довикувања, неговата крв го впива тој таинствен свет и тој почнува полека и поетски да го одразува.

И глеј чудо! Преку судбината и историските премежја на народите од тие далечни краеви, тој несвесно и полека почнува да ги открива судбината и неправдите што му биле наметнати на неговиот народ.

Откривајќи го светот, тој подобро ја запознава својата татковина. Стихот му станува поеластичен, поширок, поподатлив на довикот на афричките, и не само афрички, далечини и дивини.

Така и јас се вратив со збирката Песна на црната жена во која се обидувам да ги средам впечатоците од Црна Африка, а всушност ги средувам впечатоците за својата татковина!

Колку е светот голем, а така мал!

Современата македонска книжевност е своевиден феномен особено на поетски план. Како го толкувате постоењето на толку голем број талентирани поети и оригиналноста на Вашиот поетски израз во повоениот период?

Македонскиот литературен феномен може да се сфати и објасни со многу долгото, со столетија неостварено право на изразување на својот народен јазик. Еден народ со векови не смеел да ги искажува своите чувства, па сето тоа го пренесувал, од поколение на поколение, преку усмената традиција, а само ретки генијални поединци успеале да загрмат со својот поетски глас и да ги довикаат идните мугри и осамнувања.

Така во народот се насобрало огромно поетско богатство кое го чекало поволниот момент, денот на ослободувањето, за да изблика од срцата и устите на многу надарени луѓе, кај секого со своја посебна поетска арома, мирис и боја. А заедничкиот именител на таа поетска полифонија е необично богатата полифонија на народната поетска традиција.

Она што некогаш било ограничувано и оневозможувано сега слободно се разгранува и шири. Границите на слободата се и граници на поетското творештво. А тоа е многу широк поетски круг во коj има доволно место за сè што е човечко и хумано.

Гледате ли некоја битна разлика помеѓу вашите први дела и најновите, и во што таа воглавно се состои?

Јас сум од оние поети што остануваат верни на самите себе од првите поетски обиди па сè до денешното зрело творештво. Никакви книжевни ветрови не успеаа да ме обвијат со туѓа наметка која би се косела со мојата поетска природа. Тие ветрови ме корегираа, поправаа и доведуваа до сè попотполно поетско изразување, но не ме оддалечија од патот по кој чекорам, та во една фаза да личам на еден, а во друга, на друг поет. Поетот го открива неговата песна, а не потписот што го става под неа.

Моите први преукопации, љубовта и борбата, се мои постојани опсесии, но секој може да го забележи развојот и созревањето на поетот ако ја спореди почетната со подоцнежните фази. Во тие фази се огледуваат сите мои мени и промени, од моите први дела до најновите.

Дали би можеле денес да се присетите на тие свои поетски почетоци, и не само на Вашите… бидејќи тие беа и почетоците на македонската книжевност?

Со задоволство се присеќавам на тие денови кога како мала група на поети и прозни писатели влегувавме во македонската книжевност. Тука беше поетот и прозниот писател Славко Јаневски со песните „Цветови” и „Песна за војникот два метра в земја”, потоа поетот и прозниот писател Блаже Конески со песните „Сончева колона”, „Тешкото” и „Везилка”, јас со песните „Љубов”, „Очи” и „Партизанска пролет”, Гого Ивановски со песната „Рашела” и други. На сите нам заедничка инспирација ни беше борбата за конечно ослободување на македонскиот народ заедно со сите други народи и народности на Југославија, а некои се обидоа да ги откријат вековните мотиви кои го преокупирале македонскиот народ и му помагале да истрае во таа борба.

Овие песни и ден денес можат да ги трогнат читателите со својата свежина и длабочината на искрените намери.

Вашето дело е своевиден летопис на повоените случувања…

Јас се обидував на секој значаен миг да му дадам соодветна поетска форма. Почнувајќи од младинските работни акции или замислата за приклучување на Истра кон татковината, преку џиновската борба против идеологијата на информбирото, па сè до растењето на свеста за национална и етничка неделивост на Македонија.

Што подготвувате сега, со што сте преокупирани во овој миг?

Реков дека се вратив од Црна Африка со песни во кои се обидов да го откријам тој свет, а всушност ја открив Македонија.  Мојата најнова преокупација е откривајќи ја својата татковина да го откријам светоѕ.

Колку е светот мал, а така голем!

Ненад Радановиќ (1938-2014), босанскохерцеговски писател

Прочитајте го оригиналниот текст на српскохрватски јазик.
____________________
* Ацо Шопов одговара на прашањата на Ненад Радановиќ за и
нтервју објавено во Ослобоѓење (Oslobođenje, Sarajevo, 14.10.1978, str. 11).
Овој текст е македонски превод на оригиналниот машинопис на српскохрватски јазик што се наоѓа во Фондот Ацо Шопов, во  Архивот на МАНУ: АШ К3 АЕ87.

Други разговори и статии на Ацо Шопов