This post is also available in: French English Serbian Croatian Bosnian

Ацо Шопов, седумдесети години

Ацо Шопов, седумдесети години

Ацо Шопов: Врзан сум за Македонија*

Од каде во мене твојата крв

Во последно време поетот заболува. Зборува со тешкотии. Со тешкотии се движи. Вложува напор да ја издржи нашата посета во домот украсен со афрички маски. Животот си го наплаќа своето: тој животен и човечки, општетсвен активизам и поетското проклество паралелно. Од штипската зафрленост до амбасадор на нашата земја во светот. Зарем тоа не е еднакво на патот од неписменоста до доктор на науки? Во поезијата тој пат е обележан од песната „Анови“ до феноменалната збирка Песна на црната жена и наградата Браќа Миладиновци, тоа најзначајно признание за македонскиот поет.

Сите ние на современата македонска книжевност ѝ приоѓаме со предумисла: тоа е мала книжевност на еден народ кој е попречуван во историјата и ограничуван во јазикот, па тешко е да се вреднува од естетски аспект. Таков критериум таа не би можела да издржи, зашто македонската книжевност има голема задача пред себе: таа мора да биде голема и позната, мора да биде доказ за нациналниот идентитет и писателите мораат да ги исполнуваат задачите во книжевноста кои ги извршувале уште во XIX век. Мора да се скрати временската граница. Како да се биде прва моторна генерација на поети кај еден народ.

Од нас до нашата Небиднина

Кога поетот влегува во книжевноста тогаш тој свесно или несвесно мора да се определи според таканаречената доминантна стилска формација, според книжевниот модел на времето, без оглед дали тој модел го прифаќа или не. Тоа е истовремено процес кој се случува при објавувањето на секоја книга. Кон што се определивте Вие кога влегувавте во книжевноста?

Кон традицијата на народната поетика, ако веќе на теоретското прашање барате теоретски одговор. Критичарите напишаа дека во моите први песни се чувствува ритамот на народната поезија, дека мотивите се слични и дека поетиката на моите песни е срасната со поетиката на народната поезија.

Да. И кај Конески, и кај Јаневски и кај Вас е видлива таа компонента на преземање модел од народното творештво. И не само тоа Вие сте преземале целосни рецепти и постапки во создавањето на песната. Но, вашата целокупна поетска авантура е исполната со напор за индивидуализација, што значи за одречување за моделот кој сте го прифатиле како вредност кога сте влегувале во книжевноста?

Традицијата на нашата поетика ја чини народната поезија. Јас ја сакам, јас се потпирам на неа, но човек не смее да биде нејзин роб .

Дали таа традиција сакавте да ја продолжите при што со овие и другите генерации на македонски поети ќе продолжите да живеете во уметничката литература, како доказ – ако сакате и на националниот ентитет?

Јас не сакав да станам роб на таа традиција. Тоа е сè.

Дали на своите плеќи ја чувствувате судбината на современата македонска поезија?

Да, во  некоја смисла, но не знам на што мислите.

Па тоа дека Вие се одвојувате од традицијата на народната поетика и почнувате да пишувате поезија достојна за почит како во традицијата да ги имате сите поети на ренесансата, барокот, симболизмот, надреализмот и др. Во што е шифрата?

Јас одев по својот сопствен поетски исказ.

Очигледно вака не можеме да се разбереме. Мислите ли дека во тоа време на оддалечување  од народната традиција, во македонската книжевност требало да има добар теоретичар кој би го покажал патот би создал платформа и место за да се случи процесот кој се има случено. Вака наречените вистински писатели платиле цена создавајќи квалитетни дела во македонскиот јазик?

Но, таа традиција на која толку инсистирате постои и денес паралелно со уметничката поезија. Усната литература не значи дека е лоша литература. Тоа е литература која и денес се случува паралелно со пишуваната, единствено што постои напишаната песна. Усната книжевност не е предкнижевност, предворје на вистинската книжевност. Во таканеречените големи литератури имате две паралелни литератури: усмена и писмена. Кај нас усната поезија – поезијата на народната традиција била многу развиена кога не постоела писмената. Тоа е сè.

Очигледно вие одговарате на прашањето однапред?

Не одговарам. Размислувам.

О ти, што постоиш зашто не постоиш

Вашиот начин на искажување со парадокси е специфика на вашата поетика. Тоа е вашиот начин на видување на светот?

Еден од начините, една од можностите.

Критичарите велат дека сте емотивен и интелектуален и интелигентен, а не оној кој е претерано паметан или претерано чувствителен?

Се согласувам со нив.

На тој начин вие станавте автономен и ја афирмиравте македонската поезија вон Македонија?

Има поети кои доаѓаат од културата, и поети кои доаѓаат од животот. Мислам дека сите македонски поети доаѓаат од животот. Тоа веројатно е причина што во Македонија нема поети кои се во мода, па се забораваат за 10 години, откако ќе се појави нов начин на кажување, нова струја, нов правец.

Тој пат на автономија на вашата или севкупната македонска поезија не се исцрпува во паролата: македонскиот јазик треба да има поезија , па мора да ја создадеме со имитација на големите поети?

Влијанија има. Епигонство малку. Во врска со моето име се спомнуваат Есенин и Лорка, потоа традицијата на медитеранските култури. Но, поетот го гледа тој свет, и човекот во тој свет и себеси од посебен агол, тоа го искажува со посебна апартура неповторлива за кој било друг, начин кој само тој го познава и кој е својствен само за него како поет.

Сакате ли, можеби македонската поезија да биде специфична и да се разликува од другите, да има свои белези?

Би било добро.

Водата се враќа во фреската на ѕидот

Вие имате мноштво метафори, но истовремено не сте присутни во животот како случаен минувач, ами како некој кој со слика го изразува својот филозофски, естетски, етички став кон животот и светот?

Знам. Претераната употреба на метафори не е својство на модерната поезија. Прашањето за човековото постоење нѐ принудува да ги откриеме новите значења на зборовите, нови содржини, нови асоцијации, нови соодноси. Тоа е моето оружје. Песната ако е добра, тогаш таа е добра. Секој поет има свој круг на симболи па и кога се повторуваат, тогаш сè зависи од контекстот, од новата содржина. Зависи од тоа кој поет како ја гради песната. За мене постапката не е битна. Во почетокот песната тешко се раѓаше, но со време сепак треба да се потпираме на искуството. Постапката, ракописот, техниката не го одредуваат добриот или лошиот поет. Тоа го чини песната. За мене на пример рекоа дека сум ја укинал наративноста во  поезијата, дека зборовите сум ги довел до минимум. Гледано однадвор, тоа може да се причини како метод, како свесна и промислена постапка. Но, јас употребувам толку зборови колку ми е потребно да се искажам. Од првата верзија, па до последната верзија песната минува низ неколку редактури. Песната јас ја доработувам, заменувам еден збор со друг, барам нови изрази, подобро да го кажам она што сакам да го искажам. Тоа е дел од незадоволството со себеси, дел од поетската работа, ништо повеќе.

Вашата последна книга Песна на црната жена зборува и за Сенегал, но и за Македонија?

Новата животна состојба не создава нов поет. Тоа е стариот поет, тоа сум јас врзан со тие видливи и невидливи нитки за Македонија, за својот народ и јазик, за неговата судбина.
________________
* Разговорот го водел Иван Крталиќ, Око, год. 4, бр.123, Загреб, 2-16.12.1976. Разговорот е објавен под наслов „Vezan sam za Makedoniju”. (ДА СЕ КОМПЛЕТИРА)

Други разговори и статии на Ацо Шопов