This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

Ацо Шопов: Неколку збора за Вера Јоциќ*

Вера Јоциќ** ја запознав меѓу партизаните на прославениот херој Христијан Тодоровски-Карпош***.Беше пред речиси дваесет години, во студените декемвриски денови, кога овој бестрашен командант ги водеше своите борци во многу битки и му нанесуваше големи загуби на фашистичкиот окупатор.

Имаше нешто восхитувачко во однесувањето и карактерот на оваа млада дваесетгодишна девојка. Како секретар на партиската организација, Вера Јоциќ со својот личен пример ги освои симпатиите и почитта на сите партизани. Во колоната, во бројните напади на непријателските утврдувања што беа распоредени на сите комуникациски пунктови во Кумановско, на планинските врвови, во долгите ноќни маршеви − таа беше насекаде и секогаш на чело, ни влеваше волја и верба во победата, ги бодреше премалените, ги прекоруваше оние кои тоа го заслужуваа.

Во последната офанзива, тешко ранета на Осогово, веднаш под врвот Лисец, таа издржа на носилки три долги дена и три долги ноќи, без никаква медицинска помош, со група одвоена од другите единици, за да се збогува со своите соборци со очи полни со љубов за животот кој почнуваше.
_________________
* Препис на машинопис од Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К3 АЕ70. Според содржината, овој текст, можеби инсерт од интервју или од подолга статија, потекнува од 1962 или поверојатно од почетокот на 1963 година. Насловот е од редакцијата на Лирскиот дом на Ацо Шопов.

** Народниот херој Вера Јоциќ ги инспирира познатите песни на Шопов „Очи” и „Љубов”.

*** Шопов е автор на текстот на химната на Третата македонска ударна бригада, позната под насловот „Ко челик сме ние”, во која му го оддава  должното признание на Карпош.