Ацо Шопов: Заблуди и површни претстави за Африка*
Во Африка, поточно во Црна Африка отпатував со многу заблуди и површни претстави за овој дел на светот. Неколкугодишниот престој во овој континент битно го збогати моето сознание за историјата, судбата, сегашниот живот и проблемите со кои се борат и ги решаваат народите на Црниот свет. Човек не може рамнодушно да помине преку фактот дека своевремено од Црна Африка биле транспортирани како робови неколку стотини милиони Црнци за чија судба и ден-денес постојат живи траги и сеќавања. Местата од кои се вршеле овие транспортирања стануваат светилишта на народите од Црна Африка и тие ги посетуваат не само подлабоко да проникнат во својата историја, туку и да го осмислат своето сегашно постоење и својата иднина без каков и да е вид робување и потчинетост.
Географските светови ги прошируваат поетските светови со своите специфичности и особености, ја збогатуваат поетската мисла со нови сознанија и искуства. Поетското кажување, како во случајов на Црна Африка, може да стане пораскошно, би рекол поетско и попространо, соодветно на географските простори и настаните што се случувале на тие простори.
Но поетот ќе открие на [крајот на] краиштата дека зад баобабот, дабот, брезата или на кој друг вид национален или регионален симбол, всушност се крие човекот, со неговата специфична историска судба, но сепак дека насекаде човекот е човек без оглед дали е бел, црн, жолт или во некоја друга нијанса на боја. Запознавајќи ги другите во сите нивни посебности и особености, човекот полесно и побргу се запознава себе си и својата татковина и обратно.
Жените на Сенегал
Секој странец кој прв пат се среќава тој застанува несвесно не само пред облеката на сенегалската жена, туку и пред нејзиниот ôд. Сенегалките се облечени во живописни фустани, на речени бубу. Бубуите се разнобојни, со широки ракави и разновидни шари.
______________________
* Препис на автограф во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К3 АЕ59
Фрагмент од интервју со Веле Смилевски, објавено во Нова Македонија, 16.05.1976, стр. 9