This post is also available in: French Spanish German English Serbian Croatian Bosnian

Eзepo

Биј далго. Врти вртушко. По брегот биј.
Sвоно од ветар и светлина sвони.
Ти надоаѓаш, езеро, а твојот непресушен виј
гасне заедно со брегот што се рони.

Тука си, а ќе те загубам стиснато зад некој рид,
само си, а се отвараш во мене како школка,
и како суводолица пропаѓаш во мојот вид
со една нејасна далечна болка.

Тогаш разбирам, езеро: пак долго ќе те нема
и не знам кој пат веќе пак ќе ми се стори
дека си оган тајно што се зема
нечие срце, крв нечија да гори.

А ти надоаѓаш со закана, со виј, со блесок,
и од сè што пред тебе залуд ќе се скрие
останува само сенка, само песок.
Песок на брегот стрвно што те пие.

И ја слутам веќе таа непрегледна суша,
тој предел нем, зараснат со црна кора
што место тебе жедни врутоци слуша
како тркалање на два тешки збора.

О езеро, ти надоаѓаш а брегот со тебе се рони.
Скриј се зад твојата убавина. Навлечи лик од виј.
Водата сè ќе сознае, водата сè ќе сони.
Биј далго. Врти вртушко. Езеро биј.

Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970
Песната е претходно објавена во Раѓање на зборот, 1966 и Златен круг на времето, 1969