This post is also available in: French Spanish English Serbian Croatian Bosnian
Љубовта на огнот
На С. Ј.
Глув варовник паѓа врз нашите лица.
Се прпелка огнот под него ко птица.
Се припелка огнот во кафез од време.
На полноќно сонце зрее црно семе.
Сам од себе огнот оган вечен краде,
љубовта на бодеж своја да ја даде.
Греј, полноќно сонце, не запирај, греј.
Еве сам и ранет, иде Прометеј.
Како стрвник стемнет, како земја гладна
го подзеде огнот и изгорен падна.
Песната се стопи како лажно злато.
Подолг е од животот до човека патот.
Сам од себе огнот оган вечен краде
љубовта на бодеж своја да ја даде.
Молчи, молчи, молчи во млада боровина.
Оган и горовина. Оган и горовина.
Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970
Песната е претходно објавена во Раѓање на зборот, 1966 и Златен круг на времето, 1969