1 2 3 4 5 6 Ацо Шопов, Јус-универзум, 1968 Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.Јус-распинања
Колку е светот денес тесен,
колку е светот проѕирен и мал,
не треба да се мачиш над тешки книги внесен
за да разбереш како се живее, на пример, во Монтреал.
Не ти требаат никакви книги,
ни девизни средства од банка,
ни да си умен и популарен како Твиги
па да го запознаеш животот подобро од својата дланка.
Старата етика за отпад е зрела,
пред наши очи се распаѓа, се руши:
живеела некогаш една душа во две тела,
а сега во едно тело живеат две души.
Едната е домашна, питома и кротка,
на утрешен оган по цел ден се кали,
меѓу два света стои како потка
од најчисти човечки идеали.
Кога ти зборува – го продолжува твојот век,
да си заразен и од болест неизлечива
таа на болеста ќе ѝ најде лек,
толку е златоуста, толку слаткоречива.
Другата е горделива и од сè се гнаси,
другата е веќе малку изморена
барајќи ги во највисоките историски класи
на своето потекло двата корена.
Таа има само една девиза:
девизи се добиваат за патување во странство,
па затоа прилега на вечита виза
и на легализирано емигранство.
Две души се распинаат пред вратите на рајот
и никој не може да им го дофати крајот.
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.28, 7 октомври 1967, стр.1