Јус-политичар

1
Постои јус-поет,
постои јус-критичар,
постои јус-прозаист,
но постои и јус-политичар.

2
Секој јус-политичар
е одличен аналитичар:
тој анализира,
бира,
комбинира
и нема мира
сѐ додека со прогресивните процеси
себеси не се идентифицира.

3
Тој принципите доследни ги пази
во лушпа од пароли и фрази.

4
Сѐ се менува, сѐ има своја логика и тек,
само тој ќе остане функционер
до крајот на својот век.

5
Како страсен мецена
секогаш за уметноста гласа,
но не со свои средства
туку со државната каса.

6
Тој најдалеку гледа, иднината ја чита,
опколен со свита
на одбрана општествена елита.

7
За него системот на работничкото самоуправување
е систем на красноречиво надмудрување.

8
Секаде е присутен, делува во секоја сфера
влечејќи го опашот на својата кариера.

9
Работниот човек секогаш на срце му лежи,
но често
место аргументи
наивните ги лови во своите мрежи.

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.8, 28.XII.1966, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.

Јус-политичар, ислустрација на Дар Мар

Јус-политичар, ислустрација на Дарко Марковиќ – Дар Мар