Јус-поет
1 2 3 4 5. 6 7 8 9 10 11 Ацо Шопов, Јус-универзум, 1968 Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.
Прв е меѓу сите поети
со своите проверени квалитети
да се кити со јус-еполети.
Тој е суптилен, тој е фин.
Поезијата од него не се засрамила.
Јава на својата пегаз-камила
повешто и од бедуин.
Чудна е неговата поетска душа:
дома пее, а надвор слуша.
Сѐ му е познато, сè му е во близина,
песната му лежи на рамна низина.
Своето поетско здание
со стручни награди го позлатува,
а другите благонаклоно ги упатува
во фондовите за општествено признание.
Се откри себеси како поет
и објави преку нашите ТВ емисии:
„Во мојот досега непознат свет
жители нови се населија.
Кој е виновен што е некој заплеткан во сите жири-комисии
кога веќе одамна никој не верува во евангелија!“
Во неговата поезија има безброј изми.
И никој не може да ја прегази таа поетска река
па макар и да обуе од седум милји чизми.
Страшно го разгневија
нашите банални секидневија.
Затоа се сврте и викна:
„Ќе станам манекен на поетска модна ревија!“.
Како и секој современ поет
тој се дружи само по афинитет.
А афинитетот има друго име:
За да те преведам – преведи ме!
Неговите поетски координати
се движат во простор од дај ми го нà ти.
Најсетне прокапаа и поетските стреи:
ако се мршави хонорарите за обични песни,
поети пишувајте само за јубилеи.
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.5, 28.XII.1966, стр.12