1 2 3 4 5 6 7 Ацо Шопов, Јус-универзум, 1968 Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.Јус-откупувања
За пари можеш да се откупиш од ропство ако си роб,
за пари можеш да ја менуваш својата вера,
можеш да си подигнеш споменик на својот сопствен гроб
или да присвоиш некоја ривиера.
За пари можеш да составиш одличен приватен тим,
можеш да се разубавееш со пластична операција,
да го напишеш повторно Доктор Живаго или Самгин Клим
или да ги драматизираш црнилата на својата нација.
За пари господовите служители и верници
се откупувале од гревовите во Средниот век…
Но денес постојат поинакви мерници,
модерните болести ги лечиме со модерен лек.
Нема запирачки нашата инвенција.
Секој работник, жена или маж
може да добие нова индулгенција
за откупување на работниот стаж.
Зар веќе стана толку силен
динарот наш конвертибилен?
За него спориме на тркалезна маса,
а не сме свесни каде ќе стаса.
Можеби не е далеку тој час
кога ќе може да се купи
избирачкото право и избирачкиот глас,
кога ќе седат во пратеничките клупи
другари што ги откупиле своите мандати,
кога највисоките функции и места
ќе се делат според тоа кој како ќе ги плати,
кога ќе се откупуваат угледот и честа …
Сегашниот законик е формален и крут,
бараме правото на труд да се замени со право на трут.
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.29, 18 октомври 1967, стр.12