Јус-лингвистика

1

На љубовниците најчесто јазикот не им е нужен.
Љубовта е за нив налик на молика
полна со некаква нема симболика
и некаков оган здружен.

2
А ти душата своја собери ја
во обрач од јазична мистерија.

3
Љубовта е едно, а науката друго,
љубовта е птица затворена во маѓепсан двор.
Јус-лингвистико, речи ми: „Слуго,
јави се веќе и со мојот збор“.

4
Никаква сметка, никаква статистика
нема да ги изброи сите ѕидови
ни да ги насети сите видови
на нашата јус-лингвистика.

5
Проблемот на јазикот со јазик таа го талка.
Јазикот ѝ е бодеж а не алка.

6
Кој тврди дека јазикот служи
човек со човека да се здружи.
Прав е јус-лингвистот кога вели
дека тој нè делел и ќе нè дели.

7
Наречете ги како наречници
сите улици, училишта, хорови,
со случајно земени зборови
од едen или повеќе речници.

8
Претворете ја својата вера
во бункер и јазична бариера.

9
Отворете се пред сите во светот
пазарот моќта да ви ја сети,
но ако ви е проблем квалитетот –
сменете ги старите со нови јазични етикети.

10
Човек човека како да го сфати?
Како да оствариме сестрано разбирање?
Да се обезбедиме сите со апарати
за симултано јус-комуницирање.

Ацо ШоповЈус-универзум, 1968
Песната за првпат е објавена во Остен, бр.12, 22.II.1967, стр.12

Оригиналните автографи од збирката се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов, во АМАНУ: АШ К1 АЕ31. За четири песни постојат замо машинописи: „Јус-критичар”, „Јус-догматичар”, „Јус-солидаризерство” и „Јус-дискутанти”.

Јус-лингвистика, ислустрација на Дарко Марковиќ - Дар Мар

Јус-лингвистика, ислустрација на Дарко Марковиќ – Дар Мар