This post is also available in: French Spanish Russian English Albanian

Молитви на моето тело

Циклусот Молитви на моето тело од Ацо Шопов е објавен во збирката Небиднина (1963). „Молитвите на Ацо Шопов не се само еротска или филозофска поетизација на љубовта. Би можело да се рече дека во нивниот богат поттекст  се чувствува и цела една човечка и поетска драма“, пишува Душко Наневски во поговорот на изданијата од 1970 од 1974 година на оваа книга.

За Елизабета Шелева, пак, во „Поетиката на телото во творештвото на Ацо Шопов” го привлекува нашето внимание на фактот дека „телoвноста или ‘аргументот на телото’ е воедно врвниот поетолошки именител на овој поетски циклус на Шопов”, но дека „не станува збор за траумираното историско тело, ниту за парчосуваното геополитичко тело, туку, за архетипското, онтолошко, пратело на постоењето и креацијата.”

А еве што вели Шопов за Молитвите, во еден разговор со Тамара Арсовска за Радио Скопје, во 1968 година:

„Молитвите на моето тело ja содржат идејата на долго и неизводливо патување до љубовта и барање нова смисла на зборот со која тоа патување нема да ни се стори бесцелно и неостварливо, па макар барањето да нè упатува кон зборот што личи на „обично дрво“ или „на дланки јагленосани и прародителски голи“, како што е речено во првата молитва.

Од оваа идеја произлегува и структурата и композиционата изграденост на циклусот со „Молитвите“. Секоја молитва претставува за себе одредена целост, одделна поетска транспозиција, но за да се разбере докрај таа го бара своето вклопување со другите. Молитвите извираат една од друга, се влеваат една во друга; тие, барем мене, ми личат на ред од водопади под кои не можеме да застаеме одеднаш, но додека стоиме под едниот – во неговиот шум ние го чувствуваме шумот на вториот, шумот на другите.

Молитвите не се ни поема, ни некој друг, од учебниците познат подолг, поетски спев, тие се просто молитви на телото, песна на љубовта.”

Автограф на Шопов за циклусот Молитви на моето тело

Молитва за еден обичен но уште непронајден збор
Втора молитва на моето тело
Трета молитва на моето тело
Четврта молитва на моето тело
Петта молитва на моето тело
Шеста молитва на моето тело
Седма молитва на моето тело
Осма молитва на моето тело или кој ќе ја смисли таа љубов
Деветта молитва на моето тело
Десетта молитва на моето тело
Последна молитва на моето тело