This post is also available in: French German English Serbian Croatian Bosnian
Тажачка од онаа страна на животот
Се искачив над врвот од болот.
Човек сум. А што е човек?
Пред мене празнина, зад мене празнина.
Празнина што сама се пали.
Од онаа страна на животот,
жив распнат со слепи јазли.
Се искачив над врвот од болот.
Тој ден. Црнден. По црни скали.
Се искачив над врвот од болот.
Од онаа страна на животот
од онаа страна на себе си,
на сè неизговорено,
сè што е недогорено,
од онаа страна на водата,
од онаа страна на врутокот,
од онаа страна на коренот.
Стопи се грутко, истечи водо,
прелеј се чашо лелејска
за сите градови во овој град,
за сите црнини во оваа црнина.
Кажете кого да обвинувам.
Кого да жалам, кажете!
О дете што те нема —
мојата црнина твоја прегрнина,
Мојата црнина твоја прегрнина,
твојата темнина моја подземнина.
Земјо олелио, земјо пустелио,
од мртов плач израсната
земјо обѕрни се, земјо разгрни се.
Земи ја оваа зеница
земи ја оваа пшеница
на твоја дланка згасната.
Земи ме, земјо, или врати ме,
врати ме подолу од овој врв,
подолу од онаа страна на животот,
човечки сили дај ми пак.
О земјо, на земја врати ме.
Човек сум, човек да страдам,
да најдам камен жив да се вградам
на некој мост во некој лак.
Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970
Инспирирана од скопскиот земјотрес (јули 1963 год.), песната е објавена во Современост, XV, 6, 1965, а потоа во Раѓање на зборот, 1966, и во Златен круг на времето, 1969
Прочитајте го текстот на Шопов „Во пет и седумнаесет”