Со наши раце
Oј, Орданчо синко, мој соколе златен,
јас писмо ти праќам од родното село,
а моите мисли ко немирни јата
на Пругата летат развихрено, врело.
Би сакала, синко, мил глас да ти слушнам,
да потече љубов ко огнена лава,
би сакала в преград мајкин да те гушнам
и милувам долго твојта руса глава.
Ни пристигна, Орде, вест радосна неќна
ко пролетна птица во утрина рана,
о, колку сум горда и колку сум среќна
што в градбата дружна прв ударник стана!
Во писмото, чедо, за Пругата пишеш,
за јуриши бојни, за вашите дела,
и како се волно и длабоко дише
в босанските мали и спалени села.
Во писмото твое ни јавуваш, сине
оти Тој бил таму, – на Пругата стигнал,
и како се бурен бран нездржан дигнал
кога Тој ве бодрел со зборови снажни,
и како од радост кога кај вас минел
неговите очи се искреле влажни,
а тебе те пламен в силна желба кинел,
ти трептело срце со решеност тврда, –
во идната пролет пак таму да идеш,
во идната пролет пак таму да бидеш
и тунели градиш в босанските брда.
Но и кај нас, Орде, во крајот наш роден,
на денови цветни светла зора пука,
со нашите раце в труд гориме плоден, –
вие в Босна – таму, ние в село – тука.
Ти помниш – за домоj спепелени цели,
што душа ти свиват кога кај нив минеш.
Сега никнат редум нови куќи бели,
и школо се гради за децата, сине.
Би сакала, синко, мил глас да ти слушнам,
да потече љубов ко огнена лава,
би сакала в преград мајкин да те гушнам
и милувам долго твојта руса глава.
Ацо Шопов, Со наши раце, 1950