This post is also available in: French German Serbian Croatian Bosnian

Сосем налик на сите брегови

Овој брег
сосем налик на сите брегови.
Овој камен на брегот.

Како да отпатувам?

Овој брег,
овој камен на брегот
на чии раменици од врело сеќавање
времето се зглобува како арабеска,
а мракот на стреите чува црна птица,
од овој брег,
од овој камен на брегот
од кој треба да отпатувам,
научи ме,
научи ме,
научи ме,
научи ме како да отпатувам.

Научи ме навечер кога се враќам во овој град,
во овој град што го носам како леб под пазува,
кога сите патишта и сите крстопати
со преклани грла во мене
вијат како глутница за продолжување,
кога враќањето трае толку долго
што престанувам да верувам дека ќе се вратам,
кога еден праг се израмнува со висината на моето чело
и во блескот на ударот сфаќам дека е тоа прагот
на овој камен,
на овој камен на брегот
што е сосем налик на сите брегови
од кој морам да отпатувам,
а не знам,
не знам,
не знам,
не знам како да отпатувам.
Каменот се отвора. Влегувам. Светлина.

2.

Со една кама ми се закопува во градите.
Со друга ме удира в теме.
Закован, заробен и слеп од светлината
паѓам ничкум. Во ништо. Ни земја ни време.
Полека се освестувам.
Сакам да се освестам.
Светлината како магла утринска се крева.
Бие в слепоочници некој страшен зов,
нешто ненаше и наше.

Со сите пипала на волјата пребарувам
и сознавам — лежам покрај оној ров
што го викаме љубов,
што го викаме разбирање.
Ровот е длабок и празен.
Ти не си тука.
Сеедно. Марија, Душанка, или Леда.
Ти не си тука.
Твоето сино око од дното на ровот ме гледа.
Ти не си тука.
Твоите стапки во ровот лежат.
Счудоневидено сениште во ровот
на ова чудо се крсти.
Ти не си тука.
Твоето срце во дното на ровот чука.
Ти си отидена.
Твојата јасика трепери во мене.
Твојата мисла ми ги копа брчките.
Твоите патишта газат преку мојата ледина.
Ти си во мене безмене.
И јас.
Ти си отидена.
Ти си отидена.
Ти одиш за да останеш тука.
Твоето срце во дното на ровот чука.

Не, нема одење од овој брег,
од овој камен на брегот,
сосем налик на сите брегови.
Не, нема одење.
Нема, нема.
Светлината на каменот кротко во преграб нè зема.

Ацо ШоповВетрот носи убаво време, 1957
Песната е објавена на српско-хрватски во Антологијата на повоената македонска поезија на Димитар Митрев, во 1960 год.