This post is also available in: French
Секавици над шара
Со облаци црни се дават врвовите на Шара,
сеништа темни ги напуштаат дувлата — својот планински дом,
сè е мрачно, само секавиците на светлата мисла пат низ темниот простор бараат
и се распрснуваат долу во котлините во страшен мисловен гром.
А ноќ се спушта… и страшно е од облаци, сеништа и ноќ.
Притаено сè е — и лисје и извори на планината стара,
само во секавиците планината ја домислува својата исконска моќ
и смирено се насмевнува одамна скротената Шара.
Секавиците се распрснуваат долу во котлините во страшен мисловен гром
громот расцутува ко ѕвездена мисла над вишините
па свети над сите сеништа и облаци како над бродолом
и благо и питомо ја разлева светлината надолу по долините.
Брезовица, јули 1977
Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980
Песната за првпат е објавена во Современост, XXVII, бр. 7-8, септември-октомври 1977, стр 4
Оригиналниот машинопис со аврографски дополнувања се наоѓа во арховската граѓа на Фондацијата Ацо Шопов – Поезија