This post is also available in: French Serbian

Романтично бегство

1.

Обично во такви квечерини
кога од сртот на соседната планина
ќе слезе ноќниот чувар
со позлатен клуч на вратот,
и отворајќи ги портите
на џагорливото корзо
од величествена здодевност
ќе ги истури ноќвите
полни со тркалезни желби,
обично во такви квечерини
кога започнува одново
стара недовршена
секому позната расправија
помеѓу многуте шетачи
и малото шеталиште,
обично во такви квечерини
од оној агол на станичната улица
каде што клинчат севезден
како боси штркови
чистачите на чевли,—
со штракање на четките
непознатиот пријател
ме вика да ги почитувам
своите граќански должности,
и дури стојам мирно поднаведнат
и гледам како беспрекорно
владее во својот занает
и волшебно ги светнува
сите ветви надевања,
он ми ја расправа горчливо
својата стара приказна
за некаква си девојка,
за некаква уличарка,
што не знам како живеела
горе на трети кат.

2.

Обично во такви квечерини
слушам обична приказна.
„Верувај, вели пријателов,
тоа е… за неверување.
Срна е поскакулица,
најлична во сета улица,
нема па нема полична.
Да ми е нешто невеста,
да седи везден до мене —
кој алот ќе ми го измери!
Тогаш да видиш работа —
за два дни ќе спечалиме
како за цела година.
А она… вртиопашка,
врти некаков никаквик,
стар ама богат и дарежлив.
Не сака ни да погледне,
Ќе дојде, ќе се поткрене,
ќе ми ги поттури чевлите,
чевли од змиска кожа,
и — чисти ако умееш.

Ех, клета, пуста живеачко!
Роди го човек со ѕвезда
фрли го во думаните.

3.

Обично во такви квечерини
ја слушам истата приказна,
А денес кога ме повика
штракањето на четките
да дојдам, да ги почитувам
своите граѓански должности,
мојот непознат пријател
започна счудоневидено
за својата познаничка,
срната поскакула,
обична вртиопашка.
Змија е, рече јадосано,
со голтрак поголем од мене
избега за РОМАНТИКА.
Ги слече само чевлите
ко што се слекува змијата
и ми ги остави подарок
со нешто да ја паметувам,
па гушнати заминаа
без здраво и без збогување.

Ех, клета, пуста живеачко!
Роди го човек со ѕвезда
фрли го во думаните.

Но животот е тркало,
ќе мине друга некоја
полична и поприлична,
ќе ѝ се фатат чевлите,
чевли од змиска кожа

И тогаш — гледај работа“!

4.

Обично во такви квечерини
кога од сртот на соседната планина
ќе слезе ноќниот чувар
со позлатен клуч на вратот,
многумина се нуркаат
во неговите ноќви
зголемувајќи го бројот
на тркалезните желби.
Обично таквите квечерини
носат нешто необично.

Ацо ШоповНебиднина, 1963
Песната за првпат е објавена во Современост, X, 5, 1960