This post is also available in: French Spanish German Russian English Serbian Croatian Bosnian Albanian Bulgarian Polish Hungarian
Раѓање на зборот
Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Камена шума
изѕемнина.
Глужд на глужд.
Камен врз камен,
од камен и ние обата.
Чади ноќта.
Зборот се двои од темнина.
Модар јаглен му гори во утробата.
О ти што постоиш зашто не постоиш
небото го лулаш,
земјата ја вртиш.
О ти што постоиш зашто не постоиш
земјата јачи под камени плочници.
Иде замелушен од своите смрти
зборот што ги крши сите слепоочници.
Глужд на глужд.
Камен врз камен.
Својот гроб со прокуда го копам.
Отвори ме
проклетио,
ти тврдино камена,
да изгорам во јагленот на зборот,
да се стопам.
Ацо Шопов, Небиднина, 1963
Песната за првпат е објавена во Современост, XIII, бр 4, 1963.
Оригиналнен ракопис на песната
Зоран Анчевски: Раѓањето на зборот и повторувањето
Катица Ќулавкова: Толкување на песната
Тодор Чаловски: Осврт кон песната
Илија Пенушлиски: слика инспирирана од песната