This post is also available in: Slovenian
Разговор со синот
Нема никој „збогум” да ми каже,
иако е сѐ живо и будно.
Покрај прагот синот стои тажен
и ме гледа збунето и чудно.
Со погледот како да ме кори,
ко да знае што наумив денес:
„Ти никогаш не тргнуваш в зори
во прегратки ако не ме кренеш.”
Збунет шепнам: „Среќо моја мала,
зошто имаш навлажени очи…“
а солзите ко оган ме палат
и пред него јас чувствувам злочин.
„Ти ќе раснеш, ти ќе бидеш убав,
една зора ти пак ќе ме сретнеш.
Дали тогаш место силна љубов
на лицеро јарост ќе ти светне?
Или само мене штом ме видиш
полн со презир ќе одминеш глуво?…
О, сеедно, што сака да биде
светло чувство за тебе ќе чувам!”
……………………….
Рано тргам, ко пијан се плетам,
синот стои и гледа низ патот.
Една птица на липата слета
и се сокри в есеното злато.
Птицо лека, зошто в гнездо легаш?
Покажи ми јата кај се збират!
Не оставај сам да бидам сега
да копнеам и да немам мира.
Ацо Шопов, Стихови за маката и радоста 1952
Песната за првпат е објавена во Нов ден бр. 8-10, 1950 год. На српско-хрватски за првпат е објавена во Антологијата на повоената македонска поезија на Димитар Митрев, во 1960 год.