This post is also available in: French Spanish German Serbian Croatian Bosnian Bulgarian Polish Hungarian

Песната и годините

Твоите години и моите години –
два брега,
два камена,
две небиднини.

Твоите години и моите години –
твоите години во мојата мака,
моите години во твоето срце.

Да си благословена најнепозната песно.
Нè изедначуваш во мудроста,
нè израмнуваш во годините.
Да си благословена небиднино
во времето што не знае за стареење.

Твоите години и моите години –
наши години.

Ти одиш чекор по чекор,
мака по мака
низ моите години,
јас одам чекор по чекор,
мака по мака
низ твоите години.
Нема крај и нема изодување.

Ти си во моето непостоење,
јас во заговорот на твоите соништа.

Да си благословено време
што остануваш исто,
а ние те даруваме со нашите очи
вчера од земја,
денес од небо,
утре од земја и небо.

Да си благословена најнеслутена песно
што нè изедначуваш во мудроста,
што нè израмнуваш во годините.

Твоите години и моите години –
два брега,
два камена,
две небиднини.

Ацо ШоповНебиднина, 1963
Песната за првпат е објавена во Современост, XIII, 4, 1963