Патување во родниот крај — средба со светот

Долго се приготвував да отпатувам во својот роден крај,
тешки мисли ме беа притиснале како непреминливо минато,
како безбројни стапици што ме демнат на секој чекор,
но, најсетне смогнав сили и тргнав. И тукму кога бев
пред влезот на градот, наеднаш ми секнаа силите
и струполен паднав пред неговите ѕидини.

До мене допираа шумовите на градот како црцорење на птици,
како ѕвездени повици на моето неоткриено небо,
и ги замислував и претчувствував неговите светлини
и го доживував како светлини што бликаат во мене,
зашто едно стоглаво чудовиште стоеше меѓу нас двајцата,
ме приковуваше за земја и не ми даваше да влезам
низ градските високи и ширум отворени порти.

Од близина ја слушнав страшната бучава на Брегалница
како се валка зад Исарот и рони карпи и камења.
Бучавата на реката растешe полека но незадржливо,
па порасна повисоко од Исарот, повисоко од историјата на градот
и во еден миг се слеа со огромната бучава на светот.

Матицата на оваа бучава ме подзеде и ме исфрли на површината
каде јасно како на дланка ја здогледав нерадосната
со црни дамки испрскана судбина на мојот народ
што се бори и збратимува со судбината на светот.

Иако прикован за земја од стоглавото чудовиште
на моето чудовишно детство со крвјоcани очи
што ме заслепува и не ме пушта да влезам во градот,
понесен и искачен на сеопштата бучава како да гледав од врвот на светот.
Од врвот на светот ја здогледав и препознав мојата земја
распарчена и разграбена од темни братоубиствени војни,
од туѓи желби и посегања да ја присвојат за себе.
Само здивот на едниот нејзин дел
се извишува високо до непознати небеса
и како пролетен ветар од Шара
го заплиснува убавиот Пирин на Јане
и го разбранува синиот Егеј потемнет од мака
зашто ни мртвите револуционери немaат мира во Беаз-куле.

Од тој здив од тој прислетен ветар на Шара
извишен до недопирливи и непознати небеса
како да затрепереа повторно сите шуми и сите буки во земјата
со гласот на смртно ранетиот војвода:

„Другари верни другари,
ако низ село минете, со коњи да не тропате,
со коњи да не тропате, со пушки да не фрлате,
да не чуе мајка ми, мајка ми бигор сторена.
Ако ве чуе, кажете: Син ти се, мајко, ожени
за една црна робинка, робинка — Македонија“.

Гласот на војводата ја прекриваше оваа мала земја
и леташе многу далеку над планини и океани
и како да замираше некаде на крај на светот.
И тогаш силно почувствував дека во Македонија
се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот,
а светот е бремен од проблемите на Македонија.
Видов многу земји и многу народи разделени со граници,
граници на времето со молив повлечени
што како нож го засекле живото тело на народите
и нивната единствена судба на парчиња ја искинале,
па место својот живот да го живеат
го калемат на туѓи судби и небиднини.

Бучавата на Брегалница растеше полека но незадржливо,
растеше повисоко од Исарот, повисоко од историјата на градот
повисоко од црната судбина на мојот народ
и се влеваше во огромната бучава на светот.

Иако прикован за земја од стоглавото чудовиште
на моето чудовишно детство со крвјосани очи,
носен од матицата на светската бучава
сфатив дека Македонија ја дели судбината на светот,
а светот се судира со безброј македонски судбини.
Шумат сите буки, сите шуми и прашуми, сите брези и степи
со гласот на војводата кој ги корне и фрла врз сите глуви и слепи
па таа бучава личи на ред во безредијата и закон во исконските беззаконија.
Македонија е судбина на светот, светот е судбина на Македонија.

Таа агонична бучава на светот,
тој ламтеж на откорнати народи и земји
се крева високо, високо под сонцето,
ја пие неговата светлина, ја пие и се врти
под тешкиот удар на старите и сега подготвувани смрти.
Таа агогична бучава, тој продорен крик на светот
измешан од најчиста вселенска светлина,
од мака и радост на породилно раѓање и агонија
се шири и искачува на вишини до недоглед,
и од тие вишини го гледа својот иден свет,
а во него и Mакедонија.

Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980