This post is also available in: French Spanish German Serbian
Очај пред тврдината
Тврдино, невидливи воини те пазат.
Стасав и паднав пред тебе на метар.
Ветар и оган, оган и ветар.
Оттука нема враќање назад.
Од грозна немост морници ме лазат.
Очајот само се снове ко волк
низ сурите карпи на тој грозен молк.
Оттука нема враќање назад.
Земјата в срце на грутки се рони,
притиска и тежи, се трупа, ме кани:
Израмни се со мене, земја и ти стани.
Со ветар и оган земјата ме гони.
Рамнодушна, глува за лелек и жртви,
неспособна да жали и суди,
секоја ноќ тврдината ја буди
сонцето на тие што се мртви.
Ацо Шопов, Небиднина, 1963
Песната за првпат е објавена во во Современост, XIII, 4, 1963