This post is also available in: French Spanish English Serbian Albanian
Осма молитва на моето тело или кој ќе ја смисли таа љубов
Под овој меч,
под овој меч на тишината,
под ова отворено небо,
овие трeпетлики,
лежи ова в неврат издолжено тело,
со око стрела в око на вишините,
земјата ја корне со чело.
Под овој меч,
под овој меч на тишината
кој ќе ја смисли таа непозната љубов,
тој збор што не постои во речникот
на секидневните средби,
на секидневните поздрави,
во очајот на оставените,
во мирот на погубените,
во гласот на вљубените.
Издолжено в неврат лежи ова тело,
со око стрела в око на вишините,
зeмјата ја корне со чело.
Земјо, ти веќе не си земја,
ти си грутка надеж,
црна од мака, од соништа зелена,
ти си око фрлено во вселена.
Кој ќе ја смисли таа непозната љубов –
пред ова будење
пред ова заспивање –
тоа чудо во чудо,
тоа завивање!
Издолжено в неврат лежи ова тело
под овој меч,
под овој меч на тишината,
земјата ја корне со чело,
на рамо ја носи месечината.
Готово, месечино, довека готово!
Во твојата преполна шарена мрежа,
мрежа од страдања,
во твојата мрежа од лаги и измами
од притворства и слатки бладања,
од многу надежи изгубени,
нема веќе место за никого,
најмалку за тие што се вљубени.
Боли, месечино. Нека боли.
Болат твоите ребра погодени.
Под тебе светот и ние сме голи.
Штотуку родени.
Кој ќе ја смисли таа непозната љубов,
пред ова будење
пред ова заспивање. –
Тоа чудо во чудо,
тоа завивање.
Ацо Шопов, Небиднина, 1963
Песната е инспирирана од првиот лет во вселената на Јури Гагарин, на 12-ти април 1961 год., а за првпат е објавена во Современост XII, 5, 1962 год.
Во песната „Осма молитва на моето тело или ќе ја смисли таа љубов”, Ацо Шопов има еден стих којшто е, според моето мислење, еден од најголемите во севкупната наша поезија. Тоа е стихот за земјата што, како што вели поетот, веќе не е земја туку „грутка надеж, црна од мака, од соништа зелена” да го доврши овој дел од песната мудро, длабоко, поетски рафинирано и самобитно со величествено крешчендо: „ти си око фрлено во вселена“. Ако е поезијата во исто време „уметност на стихот и уметност на сликата“, а може да биде „едно или друго, или обете истовремено“, според Роже Кајоа, во случајот на поезијата на Ацо Шопов таа е „обете истовремено“ – уметност на стихот и уметност на сликата! Оваа поезија има свое име и презиме, своја легитимација на естетската припадност, свое веќе зацврстено јас на страниците на нашата книжевна историја. – Миодраг Друговац (Прочитајте повеќе)