Одредот „Гоце Делчев“ издаден

На Ванчо „Сермен“

Зошто се гора потресе
потресе, дури откорна,
зошто се сонце затемни
сред бел ден и сред пладнина,
зошто ми робји вриснаа,
вриснаа – заби стиснаа,
сред таа земја робинка!
сред нашта Македонија?

Какво се чудо догоди,
каква не стрела прострела,
прострела – срце погоди?
станите браќа рипните,
со мили сестри заедно,
станите – веќе не спите
здружите сили наедно,
станите, зар не гледате
душман ве живи раскинал,
раскинал – крв ви исмукал.
Станите браќа, рипните,
со мили сестри заедно,
и како змиа ранета,
удрите сили на едно
врз вашите клети душмани –
фашисти црни погани,
со една мисла – освета.
Там, браќа, в гора зелена,
сред младос – китна дренова
Ванчо – млад јунак загина,
сред својта верна дружина,
сред свој одред јуначки,
од бесен шпиун предаден –
фашиско куче погано.
— — — — — — — — — —
Се здале бесни кучиња,
одредот да го опколат,
опколат и го уништат,
одредот – полн со јунаци
за народ на смрт готови,
решени крв да пролеат.
Таман до него стигнаа,
изрипа Ванчо војвода,
растресе снага бунтовна,
размрда раци жилави,
засветна очи пламени,
и на другари извика:
„Удрите верни другари,
у тиа страшни душмани,
удрите нека разберат
каква е сила народна
удрите, не се жалите!

Ако ли некој загине,
без жалба нека издине,
народот ќе му заблази,
песни ќе пее за него,
колена ќе го споминат,
на веки он ќе живее…”

Викна и рипна сред огин…
Наеднаж гора истрпна,
наеднаж снце спепели,
спепели – сето истина,
фашиски куршум просвире,
со страшна сила арсланска,
Ванчо се јунак зарина
во црна земја робинка,
јуначка крв го попрска,
бујни се гради извија,
земја го прибра, пречека
у своита вечна прегратка…
— — — — — — — — — —
Станите браќа, рипните
со мили сестри заедно,
станите, веќе не спите,
удрите сили наедно,
врз ваште клети душмани,
со една мисла – освета
за сите нивни злочини,
за Ванчо арслан не виден
и одредот му јуначки
од бесен шпиун предаден –
фашиско куче погано.

Станите браќа, рипните
заедно рамо до рамо
еднашка крај да туриме
на тиа клети фашисти,
слобода да донесеме
на нашта мајка робинка —
на нашта Македонија…

Ацо Шопов, Песни, 1944