This post is also available in: French English Croatian Bulgarian Polish
Настан на езерскиот брег
Веста прелета секавично
и сиот народ слезе на езерскиот брег
каде тој лежеше преморен и забревтан од долгиот пат,
тој крилест коњ со ѕвездена светлина во очите,
со сибирско иње во ноздрите,
со сахарска песочна прав во гривата.
Сиот свет го обиколи, ги прелета сите мориња и океани
и одвај смогна сили да се спушти тука на родното езеро
за да се напие бистра вода, ладна и лековита.
Слета и легна на брегот, забревтан од долгото патување,
легна крај езерото, а немаше сили да го направи
последниот напор: да се нурне во водата бистра и лековита
што ќе му ги собере силите
и ќе му го поврати животот.
Собраниот народ се туркаше и мрмореше крај него:
жените му се молеа на бога милозливо, децата џараа со очите
за едни од мажите тоа беше невидена лудост,
за други попусто патување и бесцелен летот,
додека за него тоа беше највисока смисла на животот
да ја открие родината откривајќи го светот.
Три дни лежеше тој крај водата езерска
без сили да се соземе,
три дни ни стануваше ни умираше.
Три дни народот чекаше трпеливо,
а четвртиот ден почна полека да се прибира дома
оставајќи го сам коњот на езерото.
И токму последниот човек тргна да си оди
кога плисна пороен дожд и езерото почна да нараснува
а бранови да го заплискуваат коњот крај езерото.
Од бистрата вода и лековита соземен
кoњот ’рзна неколку пати колку што грлото можеше да го додржи,
а народот исплашен почна да се враќа назад
и без да сака го виде коњот како се нурка во езерото
како се игра со брановите и пие вода бистра и лековита.
Сево ова траеше само неколку мига,
а потоа коњот излезе на брегот
и повторно се вивна нагоре како првпат да го започнува летот,
носејќи ја со себе својата највисока смисла
откривајќи ја родината да го открие светот.
Ацо Шопов, Песна на црната жена, 1976
Песната е објавена и во јубилниот број на Современост, по повод 25 години од постоењето на списанието, бр 4-5, 1976, стр. 4-5, и како песна во избор на авторот, во Нова Македонија, 10.04.1977.
Машинопис во Фондот Ацо Шопов во Архивот на МАНУ: АШ К1 АЕ33