This post is also available in: French Spanish German English Serbian Croatian Bosnian Polish Italian
Има долу една крв
Има долу тешка една крв
од древноста чиниш останата.
Не се ни наѕира во врелите маглини на овој врв.
Лежи проколната како лузна врз раната.
Има долу една тешка крв. Има крв една.
Има една крв густа како црна смола.
Крв незаситна и исконски жедна.
Има една стара крв, црна и гола.
Лежи она и рие како крт.
Оди од праг до праг, рие низ свеста.
Непогрешно и неизбежно како смрт
ги исполнува сите празнини и места.
Има долу тешка една крв,
една крв што секогаш вели:
следи ме покорно, следи ме прв,
никогаш од мене не се дели.
Има долу една страшна крв,
пострашна и од заканата.
Има долу една таква тешка крв
од древноста чиниш останата.
Ацо Шопов, Небиднина, 1963
Песната за првпат е објавена во списанието Современост, XIII, бр 4, 1963.
„Откопувајќи пласт по пласт на минливите нанеси, оваа песна оди кон јадрото на постоењето: и она колективно, и она лично. Всушност, во тоа јадро што оваа песна ветува да го открие, личното се препознава во општото, општото во личното. Органското во оваа визија го условува она што е духовно, историското она што е денешно. Предокот и потомокот се препознаваат низ крвта, си подаваат рака. Се меша крвта низ векови: крвта − носител на некакви дамнешни колективни искуства и крвта − потстрекнувач на личниот немир. Личната судбина е предодредена со судбинските патишта на предците; националното постоење продолжува низ безбројните врутоци и вители во крвта на поединците. Два круга на крвта − едниот во поединецот, другиот во колективот − се затвораат во еден.” − Влада Урошевиќ, „Сонце во сонот”, 1966.