За љубовта наша делата ќе кажат
Денес друже Тито, јас ти песна праќам,
песна што ја пеат моите родни браќа,
силна верба блика, друже Тито, в неа, –
безброј млади срца топла љубов леат!
Денес така многу, така многу сакам
да ја стиснам цврсто твој’та смела рака,
ликот да ти гледам што го бура слеа
твоите очи грижни што ко сонце греат,
и да шепнам долго и да шепнам нежно
оти наш’та пролет, под пластои снежни
нема да ги свие своите млади крила,
а ќе биде утре поцветна и мила!
Почуј, друже Тито, – наш соколе вишен,
почуј како земја в топла љубов дише
и на нејни гради нова младост расне, –
како цвеќе нежна и ко зора јасна!
Во Маврово,
каде
бригадите млади
со грохотен екот
тешки крампој спуштат,
во Железник
каде
нов титан се гради …
И каде не само,
и каде не уште!
О, радост ме силна
о, радост ме крилна
ко пролетен дождец
милува и роси, –
денес сета земја
како човек еден
во мисли те гушка,
во срце те носи!
Денес, друже Тито, јас ти песна праќам
песна што ја пеат моите родни браќа,
песна – силна верба, песна што не снажи!
За љубовта наша делата ќе кажат!
Ацо Шопов, Со наши раце, 1950