This post is also available in: French Serbian Croatian Bosnian
Загледан во океанот
Еден човек загледан во океанот,
еден човек загледан во брановите на океанот,
стои долго неподвижен на брегот
небаре ја прелистува судбата на својот народ.
Човекoт не забележува дека времето одминува,
дека веќе одамна не е пладне,
дека сонцето скока по водените нерамнини
како огромен ранет црвен галеб,
и дека уште малку само па ќе се спушти насекаде
бескрајна афричка ноќ.
Човекот неподвижно стои како скаменета жал.
Океанот е огромен, а човекот мал.
Еден мал човек загледан во брановите на океанот
стои на брегот и во мислите ги довикува
сите галии на своите непознати претци
испловени пред многу векови
на пат кон неизвесното и непознато Утре.
Човекот стои и не забележува
дека веќе сè прекрили бескрајната афричка ноќ
и дека е сè завиено со едно црно и огромно Ништо —
и земја и небо и вода.
Човекот стои и упорно и понатаму гледа.
Наеднаш огромното црно Ништо како да се раздвижува,
како да оживува.
Од неговите длабини изронгуваат
сите дамна испловени галии,
сите младичи и девојки одведени или потопени пред многу векови,
и полека, но сигурно веслаат и се приближуваат коң брегот
чија граница не се ни наѕира во мракот.
Но човекот на брегот ги насетува,
долго им мавта со раце,
ги довикува,
надвикувајќи се со страшниот глас на океанот.
И еве — тие наидуваат,
веќе се искрцуваат на брегот
носејќи ја на раце својата тешка и недоречена судба,
својата ненапишана историја.
Човекот на брегот скока од радост,
Со сите се гушка, со сите се љуби
и незабележано исчезнува, се губи меѓу нив.
Човекот се слева со огромната маса,
огромната маса со човекот.
…………………………………
Одамна веќе и ноќта помина,
сонцето повторно избива над брегот на океанот
сцрвенето од радост и жал.
А човекот упорно стои и гледа во брановите на океанот.
Човекот е огромен, океанот мал.
Ацо Шопов, Песна на црната жена, 1976
Песната е објавена во Современост, XXIV, бр. 7, септември 1978, стр 529-530
Оригиналните автографи и машинописи се наоѓаат во Фондот Ацо Шопов во Архивот МАНУ: АШ К1 АЕ33