This post is also available in: Serbian Croatian Bosnian

загледани во сонцето

Јас — кој роб бев,
и ти — што беше роб, а сега си камен,
сега си куќа на робовите
што се извишува како закана, како светилник над островот
сто милиони пати посилен од светилникот на Мамел*
што им го осветлува патот на авионите и бродовите —
тие сегашни гусари на модерната цивилизација  —
што сакаат да го ограбат небото и водите на окeaнот.

Твојата светлина доаѓа од длабочината на вековите,
од ниските сламени колиби во саваните и прашумите
каде што седиш со својата жена и деца
и сите толчете пченка за да испечете леб,
а никој не се ни праша што со лебот и дали ќе ви стаса.
Вам ви е доволно да гледате во сонцето што заоѓа
како се вплеткува меѓу гранките и се обесува на најтенката,
па личи, страшно личи на закрвавено око
што само вас ве гледа, а ти им велиш на децата:
„Тоа е окото на нашиот Голем Татко, неговите солзи
што ги собирал додека одел по земја,
како светлина ќе ги прострелаат тревите и дрвјата,
и сè ќе се исплаши и ќе замре: и птици и диви животни
и змии цицачи и отровни гуштери,
и наеднаш ќе падне бескрајна глува ноќ над Африка
штом окото-сонце ќе се струполи во океанот“.
А кога завладее глува ноќ над Африка
ти се чини дека никогаш не си видел виделина.

Децата се припиваат до мајка си,
а заедно со неа сите до тебе.
А ти за да ги смириш долго им раскажуваш
за добрите духови, за прародителите,
за нивната среќна смрт што починале на својата земја,
зашто само така се одржува врската со живите.
Со секоја твоја нова приказна очите на децата сè повеќе се распалуваат
отпрвин налик на мали пламени што како јазици
го лижат работ на шумите
но силниот ветар на приказните ги разгорува
и во очите избувнува страшен пожар
што се заканува сè да изгори во шумите.
Очите на децата набргу почнуваат да прилегаат
на окото сонце на Големиот Татко,
и нивниот пламен дури тука допира
тука на Горе** — до Kуќата на робовите.

Припиен за неа како камен се одронувам
и во таа светлина потонувам, потонувам.

Ацо Шопов, Светлината на робовите, Песна на црната жена, 1976
Поемата „Светлината на робовите”,за првпат е објавена во Разгледи, XVII, бр. 10, декември 1975, стр. 1219-1224

_____________
* Мамел е највисокото брдо во околината на Дакар, главниот град на Сенегал.

**Горе е остров во близина на Дакар на кој се наоѓа Куќата на робовите, во која престојувале робовите пред да заминат кон новиот свет. Денес е музеј под заштита на УНЕСКО