This post is also available in: Slovenian

Езеро на животот

1.

Дувајте диви ветришта на моето детство,
шибај судбо со камшик испреплетена.
Пред тебе бегав камшику неумолив
и пред вас диви ветришта,
бегав како од кошмари и најцрни соништа
преку планини, преку рамнини, езера и океани.
Во тоа бегство низ небиднината
и не забележав кога израснав и како станав маж
и изродив син и ќерка — колку да не ми се затре името.
A бегав и понатаму како ѕверка прогонета,
бегав од себеси за да ги скршам вилиците на детството недетство
чии остри заби и диви ветришта и денес ријат и
беснеат низ моите гори и полјани,
додека не се најдов сам со црниот свет
и најсетне не сфатив дека мојата судба не е само моја
туку и судба на сиот мој народ.

Црните убавици по цели ноќи играа
некакви неразбирливи и толку блиски игри
од минатото и сегашнината на нивниот народ,
а гласот на стариот дијали*
со благ оган играта им ја распалуваше,
будно бдееше над нив и ги разгалуваше,
додека там-тамите од очите на најличните танчарки
крупни солзи не одронија
и солзите како ѕвезден мост се нанижаа и заѕвонија
од Жоал*
до Штип*,
од црниот континент
до Македонија.

2.

Дали и тоа беше некој кошмар од моето детство?
Но еве, граде мој, по ѕвезден пат се враќам при тебе.
Ти доаѓам, граде мој, изморен и остарен колку што ме преобличил светот.
Светот е долговечен а нашиот век краток.
Ти доаѓам со сите безгрижни и изгубени детства
што ги среќавав на патот,
со сите надежи и маки на луѓето со кои се запознав,
и го фрлам тој тежок товар во бунарот на твојата историја,
а ти злокобната судба изгони ја,
за да из’рти едно ново детство
признато и прифатено од сето човештво
како добрина и Македонија.

3.

О граде мој!
Езеро мое на животот!
Езеро на сите езера во кои ме нуркаа брановите на животот.
Во твојата нерамна повривнина првпат ги почувствував
сите нерамини на светот,
и од тие темни детски дамнини
уште ме мамат вртоглави вишини
и газам по неизодливи нерамнини.

На сите твои брегови прозрачни бранови се извишуваат
сите те заплискуваат,
сите приграбуваат,
само еден твој брег се капе во бела виделина
низ која ѕирка твојата штотуку насмевата историја
сите што ја градеа, доградуваа и доградена ја сонија,
твојата историја како мост што се протега низ светот
и го облетува како птица со крилја
од сонце подгорени и од бури поткршени
но со очи и срце на Македонија.

Дувајте диви ветришта,
езерото разбрането своите брегови ги прелева,
езерото се шири
и додека не ја најде својата утока во светот
не ќе може никој да го смири.
Езерото од бранови под небо се крева,
а горе сред црните бранови, една галија одвај забележива
ко ѕвезда им пркоси на брановите и со времето спори.
Разнишана од бури и породилна агонија
галијата плови низ бурите ту исчезнува меѓу брановите ту изронува од нив
со име Македонија.

Ацо Шопов, Дрво на ридот, 1980
Песната за првпат е објавена во Нова Македонија, 31.12.1976 и 1,2 јануари 1977, стр. 20


* Дијали, традиционален поет во западна Африка
* Жоал, село во Сенегал, родно место на поетот и државник Леополд Седар Сенгор
*  Штип, роден град на Ацо Шопов