This post is also available in: French Spanish German Bulgarian
Езеро крај манастирот
Црни коњаници, бели коњици.
Со лик на светци — на ѕидот сурови војници.
Бран до бранови. Коњ до коњи. Арапин црн ги гони.
Моме застанато на брегот, брегот се рони.
На брегот занишан девојка млада.
Сонцето се спушта на копје од балада.
Ветар коњаник, ветрови коњици.
Врсници сме, водо, од два света двојници.
Водо што извираш од срце на фреска,
грлото ми е од сонце, очите гроздови од треска.
На брегот занишан девојка млада.
Сонцето гине на копје од балада.
Кај исчезна зборот што семожен те бара
да заѕвечи во тебе како златна пара.
Водата се враќа во фреска на ѕидот.
Со неа и зборот и пламенот на ридот.
Ацо Шопов, Гледач во пепелта, 1970
Песната е претходно објавена во Раѓање на зборот, 1966 и Златен круг на времето, 1969
Добро се сеќавам на еден миг кога во Охрид, една вечер, присуствувавме на концерт на црнечка духовна музика во црквата Света Софија. Одеднаш почувствувував дека Ацо длабоко ја доживува таа духовна музика и истиот ден кога се вративме дома тој ја напиша „Езеро крај манастирот”: „Црни коњаници, бели коњици. / Со лик на светци — на ѕидот сурови војници”. – Сеќавање на Светлана Шопова