This post is also available in: French
Дрво на ридот
Од дамни дамнини расте ова дрво на сува рида без вода
со гранки раскрилени ко птица далдисана во летот.
Високото сонце го заслепува од својот усвитен светлосен одар,
но во него шуркаат сите живи сокови на светот.
И лете му шумолат гранките
и зиме кога заснежува,
а светот го забележува и не го забележува.
Ветришта диви го сардисуваат и сеништа темни,
тврдата почва и испукана бистриот поглед му го засенува,
суши змијарници му ги смукаат корењата земни,
но тоа од пркос зазеленува и расте, расте и зазеленува.
Љубов моја, те сретнав на овој рид како патник во мугри што подранува
ти дадов сè што можам, а сè било јаловина.
Под дрвото се љубевме и израснавме, сушата ни беше ладовина,
сега ние си одиме, а дрвото опстојува и останува.
Дај, господи, исполни ми ја последната желба
при оваа голема делба −
да се најдеме и слееме со срцевината
на ова дрво што расте на сува рида во вишината.
Ацо Шопов, Лузна*, 1981
Песната за првпат е објавена во Современост, XXVII, бр. 7-8, септември-октомври 1977, стр 4-5
* Како резултат на техничка грешка, песната “Дрво на ридот” е испуштена при објавувањето на збирката Дрво на ридот во 1980 год., и додадена во изборот објавен под наслов Лузна една година подоцна.